Почитувани,
До овој момент градот Скопје има реализирано повеќе од 450 проекти.
Наспроти лагите на т.н. “редакции” без име и презиме, до овој момент завршени се три мега-паркови и тоа во Ѓорче Петров на површина од 32 илјади метри квадратни, Аеродром на површина од 27 илјади метри квадратни, и во Чаир на површина од 30 илјади метри квадратни. Во тек е изведбата на мега-паркот во општина Карпош и Кисела Вода.
Што се однесува на автобускиот превоз, истиот е бесплатен за пензионери, ученици и студенти. Дополнително, во најголемата енергетска и економска криза по онаа од 2008 година, градот Скопје ја здржа старата цена на билетите и покрај драстичното зголемување на енергенсите. Дотолку повеќе што, градот Скопје не зголеми ниту една друга давачка на граѓаните, напротив ги намаливме цените на зонските паркиралишта за 25 проценти.
На бул.Борис Трајковски, отстранети се проблемите направени или нерешени од претходното градско раководство, а изградбата на булеварот влегува во завршна фаза. Започната е изградбата на подземните сообраќајници, целосно реконструиран е бул.Митрополит Теодосиј Гологанов како и бул. Кузман Јосифовски Питу, АСНОМ, кружен тек на 8.Септември, изградбата на улица Есенинова, целосно нов бул. Васко Каранѓелевски. Изградени и реконструирани се над стотина улици во општините Ѓорче Петров, Гази Баба, Бутел, Кисела Вода, Аеродром. Целосна реконструкција е извршена на ул.Тодор Александров до Изис, како и на ул. Даме Груев. Ревитализиран е булеварот Киро Глигоров, а направена и првата фаза на ул. Перо Наков.
Сообраќајниот коридор кај Мавровка е целосно нов проект за кој се прави нова сообраќајна студија и во завршна фаза е проектната документација, а се очекува да започне со реализација по нејзино изготвување.
Хаосот создаден во Луна Паркот со дивото издавање дозволи на дискотеки на лица блиски до претходните раководства во градот го одложи проектот, како и поништување на еден готов проект и изготвување на комплетно нов проект нарачан од претходното градско раководство. Сепак, сите проблеми се отстранети, а на локацијата веќе се отпочнати активностите за новиот Луна Парк. За жал, набавката на нови 250 еколошки автобуси до овој момент втора година по ред е блокирана од непринципиелната коалиција во Советот на град Скопје помеѓу ДПМНЕ и СДСМ.
Зелениот спортски кеј од Ѓорче до Лисиче е во тек на реализација за кој се изготвува проектно техничка документација, ова е нов проект за кој никакви анализи ни изготвени проекти немсло досега.Проценката на данок на имот е веќе ревидирана, и тоа уште во првите 100 дена од мандатот, што и беше презентирано во јавноста.
Секако, овие работи би ги знаеле и т.н. редакции и медиуми кои наместо да ги проверат тврдењата пред да ги напишат, одлучуваат да лажат.
Жално е што денес секој може да се нарече медиум, па дури и некаква “Градска редакција”, а сепак разбирливи се политичките нарачки и обидите со лаги и манипулации да се замајува јавноста, затоа овој демант може да се смета како барање за повлекување на клеветничкиот текст објавен на 4News а превземен од Gradska.mk. Доколку во рок од 48 часа истиот не биде отстранет, а извинувањето објавено на начин и во обем како клеветничкиот текст вистината ќе мора да ја докажат пред надлежниот суд.
Со почит,
Одделение за односи со јавност
Град Скопје