Тој им се заблагодари на граѓаните за добиените потписи кои му овозможија претседателска кандидатура.
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија е партија која е регистрирана пред два месеца. Довербата којашто ја добил од граѓаните со собрани над 10.000 потписи за само пет дена, за Димитриевски не е момент за еуфорија, туку подразбира одговорност и обврски.
– Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на сите граѓани кои покажаа одважност, храброст, разбуденост и политички активизам и излегоа на пунктовите на Државната изборна комисија ширум цела Македонија и го дадоа својот потпис за мојата кандидатура за претседател на Македонија. Посебна благодарност сакам да изразам до членовите и симпатизерите на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија кои активно и несебично учествуваа во изминатите пет дена во процесот на собирање на потписи. За мене поддршката од граѓаните претставува уште еден доказ дека сме на вистинскиот пат. Таа е само уште една потврда дека граѓаните ја препознаваат нашата визија и мисија и се одважуваат да ја дадат својата поддршка – рече Димитриевски.
Бидејќи интересот за давањето поддршката е многу голем, додаде тој, списоците ќе останат во општинските канцеларии на ДИК, а потпишувањето ќе продолжи и во наредните денови.Димитриевски им честиташе на сите кандидати што веќе ја добиле поддршката од 10.000 граѓани за официјализирање на кандидатурата за претседател на Македонија, а на останатите им посака успех на нивниот пат кон целта. Димитриевски повика на фер натпревар на идеи и ставови за подобра иднина на Македонија во текот на изборната кампања.
– Претседателот на државата треба да биде татко на нацијата, чувар на уставниот поредок, еднакво да се грижи за сите граѓани, без разлика на нивната партиска, етничка и верска припадност. Претседателот треба да биде заштитник на основните придобивки на кои се темели македонската држава, а тоа се Илинден и АСНОМ. Сигурни сме дека ќе успееме, затоа што граѓаните се со нас. Продолжуваме понатаму, со уште посилна верба, со голем ентузијазам, до конечна победа – рече Димитриевски.Прашан каков е ставот на ЗНАМ во однос на предлозите од партиите на Албанците претседателот да се бира во Собранието, Димитриевски рече:
– Институцијата Претседетел на државата својата сила ја црпи всушност од непосредниот избор на граѓаните. Токму улогата којашто претходно ја споменав на претседателот да се грижи за уставноста, законитоста и дополнително за сите граѓани. Според мене ова е само еден обид, од многуте до сега, во предизборните еуфории коишто ги креираат моноетничките политички субјекти и за мене како кандидат, а и за политичката партија Движење ЗНАМ за Наша Македонија е апсолутно неприфатлив.