Во зградата нема лифт, постојано се случуваат дефекти на водоводната цевка, шахтите се преплавуваат. Постојано сами плаќаме за сето она што не е доправено и направено како што треба. Не можеме да ги осигуриме становите затоа што немаме имотен лист. Редовно ги отплаќаме ратите од кредитите за становите, а всушност правно исто како да немаме станови – раскажуваат станарите.
Според нив, во зградата се оставени само дупки за лифтот, а како што велат, без лифт не може да се направи ни технички прием, што значи дека не можат да добијат ниту имотни листови. Тие тврдат дека инвеститорот, кога ќе успеат да го добијат, затоа што им ги блокира телефоните или воопшто не им се јавува, им ветува дека тоа ќе се среди, ќе се постави лифт, но досега тоа не е направено.

Голем проблем со кои сега се соочуваат станарите што становите ги купиле преку кредити во банките е и тоа што од банките постојано им стигаат опомени да приложат имотен лист за станот.
Очајнички обиди правиме, преговараме, објаснуваме, се обидуваме да го продолжиме рокот во банката. Но, доколку наскоро не ги приложиме имотните листови, ќе ни стигне за наплата вкупната сума од земениот кредит или банката ќе ни ги одземе становите, ќе треба да се иселиме до обезбедување имотен лист. Не знаеме веќе што и како да направиме, каде да се обратиме – вознемирено објаснуваат дел од станарите.
Зградата без технички прием се наоѓа на улица 1766 во населбата Даме Груев, веднаш зад маркетот „Кам“ и бензинската пумпа, има четири влеза во кои се вселени сите станари. До зградата, како што велат, нема ни приод, туку само земјен пат. Во околината се изградени или се во изградба десетина нови згради.
Живееме во кал, живееме во ѓубре. Да видите само на што личат контејнерите, на депонии, затоа што не се собира редовно отпадот – велат тамошните жители.

Од Општина Ѓорче Петров на чија територија се наоѓа овој објект, побаравме одговор дали за изградбата на зградата е издадена градежна дозвола или не и дали има некаков проблем што досега не е направен технички прием, но и зошто до зградата не е направена соодветна сообраќајна инфраструктура. До овој момент, одговор не добивме.Инвеститори на зградата се фирмите „Мулти офис ДООЕЛ“ и „ОМ там“, кои се дел од групацијата „Мулти офис“, познати по случајот со Еуростандард банка, кои Здружението на оштетени штедачи на оваа банка уште пред три години ги посочи како дел од фирмите што земале големи кредити од банката и никогаш не ги вратиле.
И ова не е единствената зграда во Скопје чии жители се на некој начин изиграни од инвеститорите и во кои со години граѓаните живеат без имотни листови, односно без правна сопственост и сигурност. Ги има и во Центар, во Карпош и во другите општини. Граѓаните очигледно нема кој да ги заштити од неодговорноста на инвеститорите.Непоседувањето имотен лист, не е пречка само за јавните претпријатија, кои редовно си ги доставуваат за наплата сметките за вода, за комунална хигиена, за струја и кои жителите уредно си ги плаќаат.