Шефот на ОН, Антонио Гутереш во четвртокот повика на построги мерки поради брзиот дигитален напредок и револуционерните технологии, додавајќи дека иако нудат неверојатни можности, овие технологии исто така го прават светот поранлив.
„Злонамерната активност што ги поткопува јавните институции, изборните процеси и онлајн интегритетот ја нагризува довербата, ги поттикнува тензиите, па дури и го сее семето на насилство и конфликти“, рече Гутереш за време на состанокот на Советот за безбедност на ОН за заканите кои се развиваат во сајбер-просторот.
Тој додаде дека ќе бидат потребни нови пристапи: „Мирот и безбедноста во физичкиот свет бараат нови пристапи кон мирот и безбедноста во дигиталниот свет“. И додека „дигиталната технологија нуди неверојатна можност да се создаде поправедна, еднаква, одржлива и мирна иднина за сите… откритијата мора да бидат ориентирани кон доброто“, рече тој. Понатаму, тој се надева дека Советот ќе се заложи за повеќе активности во оваа област.
„Ова е втор пат Советот за безбедност да одржува формален состанок за ова прашање. Но, многу од прашањата што се разгледуваат околу оваа маса се засегнати и поврзани со сајбер просторот“, рече тој.