Еден ден откако експресно се рашири веста дека неколку клучни министри во Владата во Киев поднесоа оставката, во светската јавност се наметна дилемата дали „министерската чистка“ ќе влијае дополнително тешко врз воено-политичката состојба на земјата или пак овој чекор ќе му донесе нов ветер во грб на украинскиот претседател Володимир Зеленски пред евентуалните есенски мировни преговори со Москва. Имено, светските новински агенции на оваа тема пишуваат дека по масовните изјави на украинските министри за оставки, сега вниманието на светската јавност за промените е исто така подеднакво насочена и за состојбите на бојните полиња. Тоа е така бидејќи Украина во моментов се наоѓа во клучен моментум кога во тамошната јавност се кршат копјата дали треба воопшто да се седне на преговарачка маса со Путин во време кога украинската војска одлучи воено да навлезе на руска територија.
Во тој контекст, украинскиот претседател Зеленски изјави дека промените во Владата, кои се случуваат во клучен момент од конфликтот, се неопходни за да се зајакне и да се постигнат резултатите што ѝ се потребни на Украина, при тоа не објаснувајќи ѝ прецизно на јавноста како тие резултати ќе се постигнат со новите луѓе за краток период.
„Есента ќе биде исклучително важна за Украина. И нашите државни институции треба да бидат поставени така што Украина ќе ги постигне сите резултати што ни се потребни, за сите нас“, рече тој веднаш по веста за оставките на министрите во Владата на Украина.
Војната – само една од причините за оставките на министрите
Српска „Политика“ на истата тема пишува дека друга важна причина за оставките на министрите е тоа што украинската Влада, па дури и Врховната Рада (која разрешува и именува членови на Кабинетот на министри) одамна престанаа да бидат „центри за донесување одлуки“ во Украина. Како што наведува весникот, тоа го прави кабинетот на претседателот со низа консултации од западните партнери.
Затоа, според медиумот, случувањата оваа есен во Украина малку ќе зависат од реконструкцијата на Владата и малку ќе се промени на фронтот, но и на глобалната политичка сцена за Киев. Како што наведува српскиот дневен весник, оставката на министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба, иако може да стане сензација, со оглед на тоа што тој беше еден од главните функционери и говорници на Украина на глобално ниво, сепак, вистински министер за надворешни работи во земјата е шефот на кабинетот на претседателот, Андреј Јермак. Затоа, името на лицето кое ќе го замени Кулеба на чело на МНР нема да игра посебна улога во кроењето на политиките на Киев.
Она што е интересно е размислувањето на многумина кои во исто време се прашуваат дали сега по оставките се навестува вистинскиот конфликт на релација Зеленски-Јермак и дали треба навреме да се очекува некаква бура во тие односи? Кој ќе излезе како победник засега е прерано да се зборува, забележува „Политика“. Во исто време политичките обложувалници му даваат шанси на Јермак дека ќе доминира во кроењето на украинската надоврешна политиа, додека сите погледи се вперени „преку барата“ и очекувањата од резултатите од ноемвриските избори во САД.
Зеленски е свесен за корупцијата, загубите на фронтот и опаѓањето на западната поддршка
Главната задача на овие реконструкции не е случајно што се совпадна со текот на негативностите од типот на тешката ситуација на фронтот, проблемите во енергетскиот сектор по штрајковите, корупциските скандали и слично, пишува магазинот „Политико“.
Украински парламент/ Фото: МИА
Според „Политико“, масовното „чистење“ треба да ѝ покаже на јавноста дека претседателот е свесен за проблемот и затоа спроведува „ресетирање на моќта“ за да се организира поефикасна работа на државниот апарат. Зеленски сака да ја врати својата пропадната позиција и да продолжи да владее, иако неговиот мандат истече во мај.
Светските медиуми забележуваат дека одговорноста за проблемите во земјата Зеленски изминатиот период индиректно ја префрлал на членовите на кабинетот на министри. По оваа логика се планира разрешување и на премиерот Денис Шмигал. Но, тој моментално не е меѓу оние кои напишаа оставки. Иако Андреј Јермак активно тоа го подготвува од јуни, промовирајќи ја вицепремиерката Јулија Свириденко на премиерската функција, сепак, изворите на кои се повикуваат новинските агенции тврдат дека Шмигал сепак ќе биде сменет, но подоцна во годината.
Во економијата, а особено во енергетиката, постои голем интерес на западните партнери, кои внимателно следат што се случува и постојано даваат инструкции, а раководството на кабинетот на претседателот дава инструкции. Но, други блиски соработници на Зеленски сакаат да изградат систем за контрола на енергијата, тоа пак понекогаш директно противречи на она што западните партнери го посакуваат.
Преговорите со Москва – камен на сопнување меѓу Зеленски и неговите луѓе
Во меѓувреме најголемиот раздор на Зеленски со неговите луѓе се преговорите со Москва. Украинското раководство во моментов не гледа смисла во преговорите со Русија, изјави шефот на кабинетот Андреј Јермак, додека од друга страна, Зеленски во последно време сè почесто ја нагласува потребата од преговори со Русија.
„Ние многу добро разбираме дека нема смисла на какви било преговори. Како прво, вакви директни преговори денес нема. Во ова, не го гледаме резултатот што ѝ е потребен на Украина“, рече Јермакт во интервју за „Европска правда“.
Според киевскиот функционер, Украина не е подготвена за територијални отстапки и нема да се согласи со новите договори од Минск. Шефот на кабинетот на Зеленски додаде дека можноста Русија да се покани на втората конференција за регулирање на украинската криза не треба да се толкува како почеток на преговарачкиот процес.
Крвавото патување во регионот Курск ги доведе преговорите во застој, наведуваат медиумите.