Џемиле Сала, мајка на убиената 29-годишна Емилија Пешева, побара враќање на смртната казна во Македонија, откако на ќерка и пред три дена и пресудил Ф.З. (25), со кого била во врска и од кого и претходно трпела насилство. Таа била убиена во објект во близина на штипскиот парк Суитлак, а убиецот неодамна излегол од затвор.
Пред камерите на регионалните медиуми, мајката на Емилија раскажа дека ќерка и трпела насилство и во минатото се случило итната помош да ја донесе дома претепана. -Денес моето, утре другите, секогаш ќе има жртви! Бараме смртната казна да се врати за убиство! На таквите луѓе, смртна казна, а не низ градот слободно да шетаат! Тој ќе си лежи пет-шест години и пак ќе се врати, а нашето дете не се враќа! Таа ќе се врати ли?
Со раце ја задавил, па оди тепај се со некој маж, а не на болно и слабо дете си рипнал- со солзи раскажува Џемиле. И таткото на Емилија се огласи и кажа дека убиецот не и бил сопруг, туку заедно излегувале. -Излегуваа заедно, се караа, ја тепаше, ја малтретираше… Излезе од затвор, беше со неа, но не и беше сопруг, иако така кажувал. Ја задавил ли, што направил, уште не знам точно, кажа таткото на убиената девојка.
По убиството, убиецот самиот се пријавил во полиција и кажал каде е телото. Убиецот во минатото бил пријавуван за насилство пред институциите, но бидејќи жртвата го повлекувала предлогот – постапките запирале и насилникот останал неказнет.
Денес од Левица побраа итни измени на Кривичниот законик. Станува збор за измени со коишто стореното кривично дело „телесна повреда“, нема да може да биде амнестирано под притисок на насилникот,односно гонењето ќе биде целосно препуштено на надлежните органи и ќе се гони по службена должност, а сторителот ќе биде со сигурност казнет.
Вики Клинчарова, Од ФОКУС