Со Виктор Орбан и Марин Ле Пен во првите редови, многу европски лидери на екстремната десница ќе учествуваат денеска на самитот во Мадрид кој има за цел да го одбрани „прссвртот од 180 степени“ на Европската унија, по „цунамито“ на Трамп во САД. „Направете ја Европа повторно голема“: под овој слоган, кој ја црпи својата инспирација од „Направете ја Америка повторно голема“ на американскиот претседател Доналд Трамп , лидерите на групата „Патриоти за Европа“ на Европскиот парламент планираат да се соберат во хотел во близина на Мадрид.
Покрај унгарскиот премиер и лидерот на францускиот Национален собир (РН), пред присутните се очекува да се обратат и италијанскиот вицепремиер Матео Салвини (Лега), поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш (АНО), па дури и Герт Вилдерс , кој понекогаш се опишува како „холандскиот Трамп“ и чија Партија за слобода беше прва на ноемвриските парламентарни избори. Алтернативата за Германија (АфД), која често добива сигнали за поддршка од Илон Маск , и Браќата на Италија на премиерката Џорџа Мелони, единствениот европски лидер што присуствуваше на инаугурацијата на американскиот претседател, не учествуваат на оваа седница, бидејќи припаѓаат на други политички групи во Европскиот парламент.
Според екстремно десничарската шпанска партија Вокс, која го организира состанокот, се очекува да присуствуваат околу 2.000 луѓе на самитот, кој беше закажан ден по вечерата меѓу лидерите на Патриоти за Европа и Кевин Робертс , претседателот на американската ултраконзервативна тинк-тенк фондација Херитиџ. Целта на состанокот е да се „одреди стратегијата што треба да се следи“ од групата на Европскиот парламент, нагласи Вокс , која повикува на „пресврт од 180 степени“ во европската политика. За политичарите кои ќе учествуваат, самитот во Мадрид ќе послужи како „покажување на сила“, изјави за АФП Стивен Форти од Автономниот универзитет во Барселона, според чие мислење политичката алијанса „Патриоти за Европа“, создадена пред само неколку месеци, останува кревка коалиција.
Со 86 европратеници од вкупно 720, од кои 30 од РН, оваа група е трета сила во Европскиот парламент по европските избори во јуни 2024 година. Сепак, таа треба да се натпреварува во Брисел со уште два политички сојузи, конзервативците и реформистите (80 европратеници) и Европа на суверените НЕП. Во тој контекст, Патриотите за Европа сакаат да „покажат дека се во центарот на натпреварот“ со овие две коалиции, нагласи Форти. Според овој истражувач, „Патриоти за Европа“ се повеќе заинтересирани „да го искористат бранот предизвикан од победата на Трамп и шокот предизвикан во ЕУ од мерките на Трамп“ за преобликување на „балансите“ во ЕУ.