Две лица кои се повредени во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ утрово се транспортирани во Хрватска. Тие се лекуваат на Клиниката за трауматологија на КБЦ Сестра на милосрдието во Загреб, од каде подоцна ќе ја информираат јавноста за состојбата на пациентите.
„Со оглед на тоа што се работи за пациенти кои изгореле во затворени простории, всушност очекуваме дека ќе бидат посериозно изгорени со некој поголем процес на површината на кожата. Очекуваме да имаат изгореници со вдишување, или изгореници на респираторниот тракт“, изјави вчера за Дневник на Нова ТВ Тихана Магдиќ Турковиќ од Клиниката за трауматологија.
Досега во странство се лекуваат 74 лица. Во текот на вчерашниот ден, според информациите од Министерство за здравство пациентите се распределени по здравствените установи низ земјата, и тоа на Клиничкиот центар во Скопје – 52 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ – 17 пациенти, Универзитетска клиника „Св. Наум Охридски“ – 12 пациенти, Клиника за токсикологија – 10 пациенти, Аџибадем Систина – 7 пациенти. Во пожарот во кочанската дискотека, според официјалните информации на надлежните, загинаа 59 лица.