Рок бендот ,,Меморија” ќе одржи голем концерт во Дом на млади во Штип на први јуни, односно во сабота. Вокалистот на ,,Меморија”, Апсотол Икономов Поце, кој на 14-ти мај годинава ја изгуби сопругата Вики, ќе застане на бината во Штип и ќе ги изведе хитовите на групата кои оставија препознатлив белег на македонската музичка сцена во изминативе децении. Иако минува низ најтешкиот животен период, по смртта на сопругата која десет години се бореше со тумор на мозокот, за ,,Фокус” вели дека музиката е неговиот идентитет, а Вики би сакала тој да продолжи со настапите.
-Што и да кажам, нема зборови да се опише чувството. Мојата сопруга ми беше најголема поддршка во животот, ветар во крилја, посебно кога се работеше за музиката која го одбележа мојот животен пат. Токму затоа, јас знам дека таа би била горда на мене поради тоа што продолжувам да го правам она кое најдобро го умеам.
И покрај се што се случи, се подготвувам за концертот во Штип, кој го посветувам на мојата сопруга.
Таа ќе биде со мене и таму, на сцената, присутна во секој отпеан стих, вели музичарот. Пред две години во интервју за ,,Фокус” тој раскажа дека се наоѓа во немила ситуација, бидејќи останал без работа, а истовремено се грижел и за сопругата. Живееле со нејзината минимална социјална пензија, која не била доволна за живот. Апелираше до државата, да му се даде шанса да се покаже на работно место кое би одговарало на неговите способности и квалификации, посебно од областа на музиката.
Но, институциите останале глуви на неговиот апел, па вели дека денес е вработен во приватна фирма во Скопје, а работната функција му е поврзана со музика. Инаку, Поце како дел од ,,Меморија” зад себе има над 600 концерти, голем број на албуми, но остави и песни кои ја одбележаа македонската музичка историја и кои и денес се актуелни.