Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) следната недела ќе испрати делегација во Москва, првпат по инвазијата врз Украина, кога ММФ ги прекина годишните консултации со Русија. Претставници на ММФ ќе се сретнат со „заинтересираните страни“ пред да ја објават процената на руската економија и да дадат препораки како истата да се подобри. ММФ истакнува дека е „заедничка обврска“ да се изврши ревизија на член четири и оти процесот е запрен поради нестабилност на економските податоци. Девет европски држави денеска протестираа поради плановите на ММФ истакнувајќи дека продолжувањето на дијалог со земја која извршила инвазија врз друга држава е на штета на Фондот.
– Би сакале да го изразиме нашето силно незадоволство од ваквите планови на ММФ, наведуваат во писмото до генералната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева, министрите за финансии на Литванија, Летонија, Естонија, Финска, Шведска, Исланд, Данска, Норвешка и Полска.
Георгиева присуствува на состанокот на министрите за финансии и централните банкари на ЕУ во Будимпешта. Според најновите податоци на Московската Федерална државна служба за статистика, руската економија во вториот квартал пораснала за четири отсто на годишно ниво. Се смета дека потрошувачката на граѓаните се намалила за 10 проценти, но има малку веродостојни податоци за процена. Руската трговија со многу земји, исто така, е прикриена за да се избегнат санкциите, што ги попречува напорите да се процени колку Москва акумулирала странски приходи.