Министерот за здравство Илир Демири откако доби новинарско прашање зошто не ја разреши економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази, се впушти во делење новинарски лекции. Тој ги поучуваше новинарите да не се занимаваат со цевки од парно, алудирајќи притоа за хаваријата што се случи на Клиниката за токсикологија кога настана поплава од пукната цевка од парно и да не се занимаваат со 18 луѓе кои останале без леб, алудирајќи на договорците кои незаконски одеа на работа од јануари до април на оваа Клиника.
Зошто да ја разрешам? Сте се фатиле околу Бесија. Таа не ги вработиле тие 18 лица, туку се вработени во 2023. Каде бевте вие и останатите директори и министрите да кажувате за квалитет и неквалитет? Зошто дозволувате тие луѓе да се на список на дежурства и смени, а месец дена пред изборите, реагирате зошто се вработени? Имам факти дека медицинскиот директор заедно со другиот колега кои се трудеа да направат мобинг, сум ги разрешил. Каде беше ДСЗИ кога тие пет месеци не примале плата и да реагираат? Тие работеле 12 месеци, каде бевте вие да прашате за одговорност. Бесије кога ќе го прекрши Законот, или Шукароски или Александра, како и да се вика, јас ќе го разрешам. Таа не го прекршила законот. Каде е ДСЗИ да достави извештај за случувањата на хируршките сали, елаборираше Демири.
Демири беше лут и што ДСЗИ добива новинарски извештаи пред него како министер и даде свои сугестии за новинарски истражувања со крахови во здравството на неговите претходници, за кои медиумите многупати имаат пишувано и известувано.Изградба на клинички блок во „Мајка Тереза“ почнато во 2019 со рок 45 месеци, потоа клиничката болница Штип, болницата во Кичево, „Свети Еразмо“, „Св. Наум Охридски“, од 2016 година, не е почнато, не е изведено. До каде се овие постапки? Требало да се изградат 10 модуларни болници, изградени се три а седум ги нема, наброја Демири.