Од септември најголемиот и најстариот универзитет во земјава, „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), ќе има нов ректор, а кој ќе го наследи актуелниот, професорот Никола Јанкуловски, ќе се гласа денеска.
Во трка се шест универзитетски професори кандидати:
Билјана Ангелова од Економскиот институт;
Горан Ајдински од Филозофскиот факултет;
Ратко Дуев од Филозофскиот факултет;
Атанас Кочов од Машинскиот факултет;
Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ) и
Димитар Ташковски од Факулетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ).
Во единствениот избирачки список на Универзитетот се запишани 1 419 гласачи, гласањето ќе се спроведе тајно во периодот од 12 до 14 часот. Ќе се гласа на 23 факултети и пет институции во состав на УКИМ.
По 14 часот, кога ќе заврши гласањето, изборните единици ќе ги пратат резултатите до Универзитетската изборна комисија (УИК). Според роковникот за организирање на изборите, УИК до крајот на денот треба да ги објави резултатите од тајното гласање. Потоа ќе следува период за поднесување приговори, за што рокот е три работни дена (31 мај – 5 јуни до 16 часот). Откако ќе бидат разгледани евентуални приговори, УИК на 6 јуни ќе ги објави конечните резултати.
Доколку на некои единици во состав на УКИМ е потребно прегласување, повторното гласање ќе се организира на 9 јуни од 12 до 14 часот, а резултатите ќе бидат објавени до крајот на истиот ден. По законскиот рок од три дена за приговори, конечните резултати за избор на ректор ќе бидат објавени на 15 јуни.Кандидатот што ќе биде избран, од септември ќе го наследи актуелниот ректор, проф. д-р Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, кој функцијата ректор на УКИМ ја извршуваше два мандата.Мандатот на новиот ректор ќе биде од 16 септември 2023 до 15 септември 2026 година.