Официјалниот празник на Албанците во Македонија е Денот на албанската азбука. Ама овој датум не се прославува на ист начин како и оној со знамето. Не се пука од „калашникови“, не се дивее по улиците на Скопје и по другите градови и не се пропагира отворен сепаратизам. Некој ќе рече дека Албанците имаат култ по знамето, ама не и по писмото На 28 ноември, судејќи по тоа што се случуваше низ улиците на Скопје, Албанците во Македонија го одбележуваа Денот кога се пали, кине и понижува државното знаме на Македонија.
Знам, ќе речете не е така, Албанците го одбележуваа Денот на албанското знаме, ама мал дел од нив се однесуваа варварски. Да, тоа е точна квалификација, ама не видовме во четвртокот некој од мнозинството Албанци јавно да им се спротивстави на хулиганите и да ги испокара на лице место. Како што Африм Гаши испраќаше телохранители на аеродром за да ѝ се најдат на претседателката на Косово, Вјоса Османи, која патем одбиваше контрола на нејзиниот багаж, така можеше да испрати некој фиљан човек да ги потсмири славениците. Да бидеме фер до крај, не видовме ниту полиција како го обезбедува просторот, ама за тоа малку подоцна.
Челниците на албанските партии во Македонија уште од почетоците на независноста на државата нè убедуваат дека Албанците имаат развиено култ кон своето знаме. Тоа е многу спорна квалификација, бидејќи тука не се работи за национален симбол, туку за знаме на друга држава и нормално дека припадниците на другите нации во Македонија не гледаат благонаклоно на овој празник. Веројатно и токму поради тоа, официјалниот празник на Албанците во Македонија е Денот на албанската азбука. Ама овој датум не се прославува на ист начин како и оној со знамето. Не се пука од „калашникови“, не се дивее по улиците на Скопје и по другите градови и не се пропагира отворен сепаратизам. Некој ќе рече дека Албанците имаат култ по знамето, ама не и по писмото. Интересно.
Уште поинтересно е тоа што ваквиот начин на славење и мавтање со знамиња, пукање во воздух и отворена омраза кон сè македонско случајно или не, е пракса откако на македонското политичко небо се појави Демократската унија за интеграција, чии истакнати членови во пратеничките клупи, да потсетам, дојдоа директно од рововите ископани за време на конфликтот во 2001 година. Претходно, имаше некакви научни и свечени академии, ненасилни собири, на кои се одбележуваше денот. Но, од година во година, забележуваме тенденција на националистички и хулигански провокации, кои кулминираа при последното прославување на Денот на албанското знаме.
Веројатно истите луѓе што пукаа, кршеа и палеа на 28 ноември, ќе ви кажат дека се разочарани од македонските власти, што нашата држава не е дел од Европската Унија. Истите ќе ви тврдат и дека во Албанија е многу подобро и затоа оваа земја ги започна преговорите, а Македонија е заглавена помеѓу првата и втората меѓувладина конференција со ЕУ. Можеби е тоа точно, велам јас, а можеби е точно бидејќи во Албанија никој не го пали македонското знаме? Доволно е да гледаме само од оваа гледна точка и да констатираме дека во Албанија подобро и понормално се живее.
Не смеам да заборавам и на полицијата, која, пак, заборави дека треба да ги штити граѓаните на главниот град. Додека траеше она дивеење низ Скопје, граѓаните се почувствуваа многу небезбедно. Државните органи како да заборавија на јавната безбедност и од неразбирливи причини не интервенираа? Човек да помисли дека некој намерно ја пуштил толпата за да предизвика провокација? Некаков одговор од другата страна. Можеби? Интересно е што од Вреди го осудија палењето на знамето, а од ДУИ, пак, го осудија „индивидуалниот чин на палење на државното знаме како реакција на несоодветната интервенција на полицијата“. За каква полициска реакција станува збор, не знам.
Да резимираме. Ваква провокација не смее да се повтори, ниту за Денот на албанското знаме, ниту, пак, да речеме за денот на албанското кече. Ниту едно знаме, азбука или нација нема да биде поголемо, доколку ги понижувате симболите на другата нација. Што се однесува до оние што пукаа, палеа и насилнички се однесуваа, се надевам дека ќе бидат идентификувани и приведени. Во спротивно, ќе почнам да верувам во некакво однапред смислено сценарио за посакувана провокација и веројатно одговор од другата страна.