Десетици луѓе се убиени и ранети во израелски напад врз куќа во Џабалија во северниот дел на Појасот Газа, соопштија палестинските медицински лица, а пренесе Ројтерс. Снимките кои кружат на социјалните мрежи, чија веродостојност Ројтерс не можеше веднаш да ги потврди, покажаа десетина тела завиткани во ќебиња и легнати на земја во болница. Жителите изјавија дека во погодениот објект имало најмалку 30 лица. Официјалната палестинска новинска агенција ВАФА и медиумите на Хамас објавија дека бројот на загинати е 32. Нема непосредна потврда за билансот на жртвите од страна на Министерството за здравство.
Од Цивилната служба за итни случаи велат дека нивните операции се запрени со тековната израелска акција во два града и бегалски камп во северниот дел на Газа, која започна на 5 октомври. Израел вели дека испратил сили во Џабалија, Беит Лахија и Беит Ханун во северниот дел на енклавата за да се борат против милитантите на Хамас кои вршат напади со цел да ги спречат да се регрупираат. Израелската восја посочи оти нејзините војници убиле стотици милитанти во тие области од почетокот на новата офанзива. Во градот Газа, израелски воздушен напад врз куќа во населбата Сабра го уби Ваел Ал-Кур, службеник во Министерството за благосостојба, како и седум други членови на неговото семејство, вклучително и неговата сопруга и децата, изјавија медицински лица и роднини. Израелската војска соопшти дека ги разгледува извештаите за нападот во Џабалија и во населбата Сабра.
Напорите за прекин на огнот меѓу двете завојувани страни е во застој, а Израел и Хамас се обвинуваат едни со други. Хамас сака договор што ќе стави крај на војната и договор за размена на затвореници за заложници, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вели дека војната ќе сопре само штом Хамас ќе биде искоренета. Катар, кој се обидува да преговара за прекин на огнот заедно со Египет и САД, им порача на Хамас и Израел дека ќе ги запре напорите додека двете страни не покажат „добра волја и сериозност“ да ги продолжат разговорите, соопшти во саботата катарското Министерство за надворешни работи. Војната избувна кога вооружени лица на Хамас ги нападнаа израелските заедници на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 луѓе и киднапирајќи уште 253 заложници. Во вената кампања Израел срамни со земја голем дел од Газа и уби околу 43.500 Палестинци, соопштија палестинските здравствени власти.