Претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, го осуди синоќешното уништување и сквернавење на државното македонско знаме, за време на прославата за Денот на албанското знаме.„Секогаш како човек сум го сакал своето, а почитувал туѓото! Денеска како човек, но и градоначалник на сите граѓани во Куманово од почит кон моите сограѓани од албанската заедница го честитав Денот на албанското знаме, а воедно и во рамки на годишната програма за култура со едногласна одлука на советот беше поддржан овој настан како и многу други во Куманово кои ги негуваат правата на етничките заедници.
За жал тоа што денеска го видовме на многу места по државата, па и во мое Куманово, особено вандалското однесување на поединци и групи, непочитување на законот за употреба на знамиња од страна на институции и органи и уништување и сквернавење на нашето државно и македонско знаме е за секаква осуда“, изјави Димитриевски. Тој ги повика институциите да ги откријат поединците и групите и да ги санкционираат.„Истото го очекувам и од моите колеги градоначалници на кои ова не им е првпат да го кршат законот без да поднесат одговорност.
Исто така очекувам јавна осуда на ваквите настани од сите парламентарни и вонпарламентарни партии во Македонија, како и сите претставници на меѓународната заедница. Јас сум за реално мултиетничко општество во кое што сите взаемно ќе се почитуваме со еднакви права и обврски и сите еднакво одговорни пред закон. Да газиш и кинеш, уништуваш знаме на држава која те израснала, образовала платила и плаќа, вложувала во тебе е злосторство против истата и треба да се одговара“, рече Димитриевски.