Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека успешно е реализиран процесот на доделување на ваучери за купување инвертер клими, со цел зголемување на енергетската ефикасност на домаќинствата низ целата држава.
До 15 часот, беа доделени над 80% од предвидените 6.182 ваучери. Благодарение на внимателното планирање и целосната ангажираност на тимот на Министерството, процесот се одвива непречено и ефикасно, со што на граѓаните им се овозможи брзо и лесно подигнување на ваучерите, велат од ресорното министерство.
– Во рамки на процесот на доделување, до 16 часот, само во Скопје беа доделени над 1.400 ваучери или над 75% од вкупниот број. Иако на почетокот на денот беше забележана зголемена посетеност на граѓани, доделувањето се одвиваше непречено и во поголемиот дел од денот немаше долги редици пред СЦ Борис Трајковски.
Во согласност со предвидената динамика, доделувањето успешно се спроведува и на другите 30 локации низ Македонија, каде што граѓаните можат лесно да ги подигнат своите ваучери за купување и инсталирање на инвертер клима уреди – се вели во соопштението. Според првичните информации од тимовите на Министерството, во повеќето градови како Струга, Радовиш, Штип, Кичево и други, граѓаните подигнале над 90% од ваучерите, што е доказ за успешноста на овој начин на дистрибуција на ваучерите.