Вчера, во „Млади Хаб“ во Скопје се одржа втората работилница „Активни млади за соодветно
домување“ во организација на Организацијата за домување и станари (ОДС) поддржана од
МНР на Кралство Норвешка.
На оваа работилница се дискутираше за домувањето кој претставува еден од клучните
предизвици со кои се соочуваат најголемиот број на млади лица во земјава, за правото за
соодветно домување, идентификување на предизвиците и важноста за младинскиот ангажман
во решавањето на станбените прашања, вештини и стратегии за ефективно застапување и
мобилизација.
Претседателката на ОДС, Маја Сталеска во своето излагање потенцираше дека е потребен
стратешки пристап, а ОДС како организација вложува огромни напори да ги застапува и да ги
мотивира младите лица во општествено активирање.
„Секоја млада личност заслужува подобри услови за работа и домување, а само преку вакви
иницијативи можеме да ја подигнеме свеста за една од најважните теми што не задира сите.
Домувањето претставува место кадешто се чувствуваме сигурно и безбедно, кадешто можеме
да ја градиме нашата иднина самостојно, и токму затоа потребна е поддршка и соработка од
сите институции, невладини организации и граѓани во подобрувањето на условите за живот на
сите млади лица“, рече Сталеска.
Учество на втората работилница, зедоа и претседателката на Македонската платформа против
сиромаштија Билјана Дуковска и архитектката и урбан социолог Ива Петрунова.
Дуковска, посочи дека во странство домувањето на младите лица во рамки на студентското
образование е скоро секогаш обезбедено од страна на државата и има различни модалитети
како ги вклучуваат младите во процесот на осамостојувањето, коешто претставува целосно
оспособување на индивидуата за непречен живот.
Петрунова, истакна дека младите личности во процесот на домување во периодот на студиите,
но и кога ќе ги завршат студиите остануваат незгрижени и потребно е да им се овозможи
поддршка за да можат да се остварат во рамки на општеството.
Младите учесници ги потенцираа проблемите со кои се соочуваат како студенти и вработени
во однос на домувањето, сами иницираа идеи и дадоа предлози како да се подобрат условите
за живеење на младите лица и изразија благодарност што постојат невладини организации
коишто делуваат за оваа важна егзистенцијална тема.
Работилницата се спроведе со поддршка на регионалниот проект СМАРТ Балкан – Граѓанско
општество за поврзан Западен Балкан, имплементиран од Центарot за промоција на
граѓанското општество (CPCD), Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП),
Институтот за демократија и медијација (ИДМ), а финансиски е поддржан од Министерството
за надворешни работи на Кралството Норвешка.