Измена на Уставот во делот на внес на Бугарите и избор на претседател на државата во Собрание со двотретинско и со Бадентерово мнозинство е условот на ДУИ за поддршка на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ или на СДСМ во вториот изборен круг од претседателските избори, како и за парламентарните избори. Пратеникот Арбер Адеми од ДУИ, пред Вила „Водно“ каде објави дека почнале со собирање на 10.000 потписи за кандидатурата за шеф на државата на Бујар Османи побара поддршка од Албанците и од сите други граѓани, зашто е дојдено времето да се отвори патот за Албанец претседател на државата.
– Сржта на идејата на лидерот Али Ахмети е изборот на претседател на државата да биде во Собранието со двотретинско мнозинство и со Бадентер, за да се обезбеди општествен, надпартиски консензус за да се овозможи со над 80 гласови во Собранието и со етнички консензус да се спречи етничкото надгласување од двете поголеми македонски партии. Оваа идеја Ахмети ја претстави на вториот конгрес на партијата во Скопје во 2009 година, кога ги наброја позициите кои тогаш беа недостижни за Албанците. Бараме апслоутна и масовна поддршка од Албанците за Османи, за да го измениме Уставот. Ова ќе биде ставот на ДУИ и за вториот круг на претседателскте и за парламентарните избори – рече Адеми.
Прашан дали условот на ДУИ најавува бојкот на вториот круг на претседателските избори, Адеми рече дека бојкотот не е соодветно средство.
-Целосно сме фокусирани на освојување што поголема поддршка од сите. Од сите градови се потпишуваат граѓани за кандидатурата на Османи. Максимално сме фокусирани да освоиме победа но и легитимирање по изборите да се отвори Уставот во делот за претседател. Бојкотот не е соодветно средство – рече Адеми.
Прашан дали Османи поддршка за кандидатурата ќе бара и во источна Македонија, Адеми рече дека денеска Османи е во ООН каде ја преставува државата и сите граѓани и дека како кандидат за претседател бараат поддршка од сите граѓани.