Основачот на платформата Телеграм, Павел Дуров, ја даде првата изјава по апсењето во Париз, нагласувајќи дека помогнал во борбата против тероризмот во Франција со создавање на „жешка линија“ меѓу апликацијата и Париз. – Доколку некоја земја е незадоволна од некоја онлајн услуга, досегашната практика е да поднесе тужба против услугата. Користењето на старите закони за гонење на директори за кривични дела сторени од трети лица на платформата е погрешен пристап – напиша Дуров на својот канал Телеграм.
Павел Дуров беше приведен на аеродромот во Париз на 24 август, обвинет за десет кривични дела, вклучително и соучесништво во работење на онлајн платформа за нелегални трансакции на организирана група. Нему му се заканува затворска казна до 10 години. Тој беше ослободен на 28 август со кауција од пет милиони евра, но му е забрането да ја напушта француската територија и мора двапати неделно да се јавува во полиција. Француските власти издадоа налози за апсење на Павел и неговиот брат Николај Дуров на 25 март под обвинение за соучесништво во поседување, дистрибуирање и ставање на располагање на порнографски фотографии на малолетници.