„Свети Клименте ти ни остави пример како треба да изгледа човекот кој се бори за црквата, ја чува црквата и кој се бори и го чува македонскиот народ. Да не се залажеме, да не препознаеме и да не прогласиме херои и пазители и чувари на црквата, луѓе со антицрковен менталитет и кои му служат на духовите на поднебесјето и на злобата, во кои што се има, само светиот дух го нема. И тоа го видовме. Ние знаеме дека не му требаат луѓе кои што ќе ја чуваат црквата на Бога. Кој може да ја љуби црквата повеќе од оној што умре за неа и која што е негово тело… И тоа го гледаме со векови, затоа црквата ништо нема да ја надвладее“,вели отец Јаков.Во беседата им порача на верниците да не ги слушаат и да не им веруваат на самопрогласени чувари на црквата.
„Затоа не слушајте и не верувајте на херои кои плукаат на тронот на Свети Климент и на оној кој што денес седи на тој торон и се прогласуваат за поголеми чувари и љубители на црквата и ќе ја спасуваат црквата од нас кои освен црквата ништо друго немаме. Свети оче Клименте сочувај не нас во љубената ни Архиепископија охридска и македонска, нашиот народ и сите народи православни кои што те прославуват и те љубат до крајот на вековите“,рече во беседата владиката Јаков.
Пред два дена и Бигорскиот манастир излегоа со реакција по двојното убиство и посочија дека со години наназад биле мета на напади на осомничените, но напоменуваат и дека тие луѓе добивале поддршка од високи претставници на МПЦ-ОА.Монасите од Бигорски посочуваат дека токму нивниот игумен, а и тие самите заедно со манастирот, повеќе од две години биле цел на напади и закани од лицата кои сега се сомничат за убиствата.
„Една од поглавните опсесии на посочениот убиец во текот на последните 2-3 години беше токму нашиот старец и духовен татко, владиката г. Партениј, а преку него и целата наша монашка заедница, како и некои луѓе, наши пријатели, браќа и сестри. Какви ли само навреди, закани и гадости се изнаслушавме од тој мракоподобен човек и од некои негови приврзаници! Дури и отворени повици за протерување, тепање и бесење. И преку социјалните мрежи, но и преку лични контакти. Почнавме да се чувствуваме загрозени, небезбедни, да живееме во неизвесност, во агонија. И говоревме, пишувавме, апелиравме да се преземат мерки за да не дојде до нешто пострашно, но, за жал, нашите повици не беа услишани од нашето општество“,посочуваат оттаму.Велат дека осомничените цело време имале поддршка од луѓе од високиот клир на МПЦ-ОА.
„Што со оние соработници на тој демонизиран убиец – меѓу кои, за голема жал, има и извесни личности од црковните кругови, кои го поддржуваа во неговата злоба, му доставуваа клеветнички информации, го поттикнува на разни начини да го врши делото сатанско – злословието и омразата? Ќе има ли одговорност и за нив или, едноставно, ќе дозволиме и понатаму да се шири канцерот на злобата во нашето општество? Ќе дозволиме ли одговорноста за сиот тој пир на злото да ја понесе само главниот антагонист, а не и тие што нарачуваа напади, што ја потпалуваа атмосферата, што во лукава притаеност мотивираа? Да потсетиме, неколкумина од црковниот клир, како и некои ’верници’, активно учествуваа во ширењето на лажен патриотизам и во заканувачките конструкции, полни со лаги и измислици, што се ширеа преку јавните настапи на првоосомничениот во монструозното убиство. Па, дури и му помагаа да отвори свои ограноци во некои градови, за преку кампањата за ’спасување’ на Црквата да стекне поголема гледаност и повисок политички рејтинг“,велат од Бигорски.