Ерменците од Нагорно Карабах ќе се преселат во Ерменија бидејќи не сакаат да живеат како дел од Азербејџан и се плашат од етничко чистење, соопшти раководството на Нагорно Карабах.
– Нашиот народ не сака да живее како дел од Азербејџан, 99,9 проценти повеќе би сакале да ја напуштат нашата историска територија – изјави Давид Бабајан, советник на претседателот на самопрогласената Република Арцах Самвел Шахраманијан.
Тој рече дека не е јасно кога околу 120.000 Ерменци од Карабах ќе тргнат кон коридорот Лачин кој го поврзува Нагорно- Карабах со Ерменија.
– Судбината на нашиот кутар народ ќе влезе во историјата како срам и за ерменскиот народ и за целиот цивилизиран свет. Оние кои се одговорни за нашата судбина еден ден ќе треба да одговараат пред Господ за своите гревови – рече тој.
Ерменија повика на итно распоредување на мисијата на ОН
Вчера Ерменија повика на итно распоредување на мисија на ОН за контрола на почитувањето на човековите права и безбедноста во Нагорно-Карабах, откако беше објавено пристигнувањето на помош во регионот за време на прекинот на огнот.
Азербејџан прогласи прекин на огнот во средата (20 септември) откако ги принуди ерменските сепаратисти да прифатат целосно враќање на Карабах, енклава на етнички Ерменци, под контрола на Азербејџан.
– Меѓународната заедница треба да ги преземе сите напори за итно распоредување на меѓуагенциска мисија на ОН во Нагорно-Карабах со цел следење и проценка на човековите права, хуманитарната и безбедносната состојба на терен – рече министерот за надворешни работи на Ерменија. Арарат Мирзојан во говор на сесијата на Генералното собрание на ОН.