Граѓаните кои живеат на оваа сообраќајница во Капиштец, која се протега од Водњанска до вкрстувањето со Загрепска, со години реагираат на состојбата во која се наоѓа и се жалат дека автомобилите ги искршиле од оштетувањата на асфалтот, но и посочуваат дека е небезбедна за движење и пеш затоа што во голем дел на улицата нема тротоари.
Откако минатата година конечно се заврши реконструкцијата на една од најпроблематичните улици во општината Центар, улицата Козара, која беше сериозно оштетена поради постојаната изградба на згради од двете нејзини страни, конечно по неколкугодишна најава на ред дојде и нејзината „сосетка“, улицата Елисие Поповски Марко.
Жителите на оваа сообраќајница во Капиштец, која се протега од Водњанска до вкрстувањето со Загрепска, со години реагираат на состојбата во која се наоѓа и се жалат дека автомобилите ги искршиле од оштетувањата на асфалтот, но и посочуваат дека е небезбедна за движење и пеш затоа што во голем дел на улицата нема тротоари.
Конечно, Општина Центар ќе се позанимава и со нашата улица, која навистина е во ужасна состојба. Дупки на асфалтот, прекопи, тесни тротоари каде што ги има. На влезот на улицата од кај Водњанска од едната страна се исцртани паркинг места и секогаш е преполно со паркирани возила, па таму не ни може пеш да се оди. Всушност, се паркираат автомобили од двете страни речиси по целата улица, иако е двонасочна. Ужас еден. Се надевам дека ќе ги прошират тротоарите за да биде побезбедно движењето по неа – објаснува Ана, жителка на оваа улица.
Со оглед дека улицата се наоѓа во близина на Клиничкиот центар, самиот тој факт говори колку е сообраќајно фреквентна, но и небезбедна за пешаците.
Реконструкцијата на Елисие Поповски Марко, како што велат од Општина Центар, треба да почне во периодот од 20 до 25 август, откако претходно е избран изведувач и финализиран договорот со него. Општината ќе финансира, а работите ќе ги изведува Друштвото за завршни и занаетчиски работи во градежништвото ИЗОЛАЦИЈА Дамјан Силјановски и др. ДОО Увоз-извоз-Скопје. Вкупниот износ на склучениот договор за реконструкција е нешто повеќе од 13 милиони денари со вклучен ДДВ.
Предвидено е градежните работи, кои ќе се изведуваат на потегот од Водњанска до Загрепска, да опфатат вадење на стариот и поставување целосно нов асфалт на површина од 4.822 метри квадратни, подигнување и нивелирање на постојните шахти, како и поставување нови рабници и уредување на паркингот во должина на улицата. Проширување на постојните тротоари не се најавува.
Со реконструкцијата ќе се овозможи намалување на сообраќајниот метеж и подобрување на севкупната сообраќајна безбедност за возилата, пешаците и за велосипедистите. Покрај тоа, со реконструкцијата ќе се овозможи и подобар и побрз пристап до клиничкиот центар „Мајка Тереза“ преку оваа улица – посочуваат од Општината.
Од Центар уште пред три години посочуваа дека се свесни за тоа во каква состојба е оваа улица, па дека поради тоа работат на проектот за нејзина реконструкција, која тогаш ја најавуваа за пролетта 2022 година.
Но, во наредните години се реконструираше Козара, која се протега паралелно со Елисие Поповски Марко и која поради грешки на изведувачот се асфалтираше дури трипати, а и комплетно се обнови и една од најстарите центарски улици Ленинова.
Според годишниот план за реконструкција и реализација на капитални инфраструктурни проекти, во општинскиот буџет за 2024 година, како што информираа од Центар, се предвидени средства и за реконструкција на улиците Дебарца, Светозар Марковиќ и улицата Блаже Тодоровски, која веќе е во завршна фаза.
Всушност, на крајот од минатата година Општината како поддршка од Владата доби 40 милиони денари за реконструкција на улиците Светозар Марковиќ и Дебарца.
Градоначалникот Герасимовски ја најави обновата на Дебарца и во февруари 2022 година, кога посочи дека почнува реконструкцијата на коловозот на оваа улица на површина од 1500 метри квадратни, но и дека ќе се постават нови рабници на тротоарите во должина од 450 метри. Што сега ќе се реконструира, нема подетално објаснување од Општина Центар.