Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени (COP29) започна денеска во Азербејџан, во сенка на реизборот на Доналд Трамп, кој вети дека ќе ги откаже обврските на Соединетите Американски Држави за намалување на емисиите на јаглерод.
„Овде во Баку, мора да се договориме за нова глобална цел за финансирање на климатските промени. Ако најмалку две третини од светските нации не можат да финансираат брзо намалување на емисиите, тогаш секоја нација плаќа сурова цена“, рече Сајмон Стиел, претседател на Рамковна конвенција на Обединетите нации за климатски промени, на отворањето.
Земјите се собраа во Баку на главниот форум на Обединетите нации за климатска дипломатија по новите предупредувања дека светот е на пат да ги собори температурните рекорди во 2024 година, дополнително ја зголемија итноста на спорната дебата за финансирањето на климата. Но, враќањето на Трамп ја засени дебатата и доведе до стравувања дека неодамнешното излегување на САД од историскиот Париски договор за ограничување на глобалното затоплување може да значи помала амбиција на преговарачката маса.
„Не можеме да си дозволиме да го пропуштиме моментумот за глобална акција за климатските промени“, рече Ралф Регенвану, специјален пратеник на Вануату за климатски промени и животна средина.„Тоа е заеднички проблем што нема да се реши сам по себе без меѓународна соработка, и ние ќе продолжиме да му го кажуваме ова на идниот претседател (на земја која е) еден од најголемите загадувачи во светот“.
Американскиот претседател во заминување Џо Бајден не присуствува на конференцијата, како и многу други лидери кои традиционално се појавуваа на почетокот на преговорите за да додадат тежина на настанот.
Присутни се само неколку лидери на земјите од Г-20, кои сочинуваат речиси 80 отсто од емисиите на јаглерод во светот.
Сепак, Авганистан испраќа делегација за прв пат откако Талибанците ја презедоа власта. Се очекува тие да имаат статус на набљудувач.
Дипломатите инсистираат на тоа дека отсуството на светските лидери и победата на Трамп нема да го оттргнат вниманието од сериозната работа, особено во однос на договорот за нова сума за финансирање на климата за земјите во развој.