Македонија како држава која во својата конституција се дефинира како демократска со аспирации за биде дел од големото евроатлатско семејство  кое живее согласно некои традиционални западни вредности, тешко дека ќе може да се реализира себе си како таква, доколку на идеолошкиот мејнстрим пејзаж делуваат политички субјекти кои застапуваат анахрони идеолошки матрици.

   

Вакви тенденции кои скитаат меѓу декларативноста за европска перспектива и од друга страна делување на теренот на балканските атавизми , национал романтизмот и националистичките митолошки наративни  за жал се присутни во делувањето на најголемиот опозициски политички субјект , ВМРО ДПМНЕ кој по падот на Груевски и неговиот “груевзам” не успева да се пронајде себе си на современо идеолошко тло какво што е нејзиното европско семејство обединето во рамите на Европската народна партија која сè порешително ги застапува традиционалните демохристијански вредности чии основи беа нападнати од полiтички субјекти со авторитарни тенденции какви што се “орбанизмот” и неговите сателити низ Европа во соработка со “трампимзот” кој на последните избори во САД претрпе значителен пораз.

 

Скитањето на ВМРО ДПМНЕ во анахрони наративи не само што и ја одзема моќта на оваа партија да делува како ефикасна опозиција која е повеќе од потребна во актуелните околности, туку дополнително си ги загрозува и капацитетите за преземање на власта што секако би требало да биде добра опција и алтернатива во едно здраво демократско општество во кое промената на власта воедно гарантира и стабилност на стратешката конструкција на државата што подразбира одржување на виталноста на демократските институции, стратешките политики кој ја гарантираат стабилноста и безбедноста на државата и се разбира одржување на добрите односи со стратешките партнери.

   

     

Во своите идеолошки авантури ВМРО ДПМНЕ ризикува да го изгуби своето демокхристијанско тло и да влезе во фузија со неокомунистички идеологии како онаа на често екстремно националистичката партија која иронично се нарекува “Левица” при што целосно ќе ги загуби своите коалициски капацитети за соработка со етнички албански политички субјекти.

Во интерес на македонската демократија е ВМРО ДПМНЕ да биде потсетено на историјата на нивните успеси. Во периодот од 1991 до 1995 скиташе низ разни форми на национализам за кои основачот и прв претседател на оваа партија Љубчо Георгиевски во повеќе наврати изразил каење признавајќи ги грешките од тој период. Во 1995 на конгресот во Кичево партијата успеа да го најде својот пат и да се дефинира како современа демохристијанска партија  што и го отвори патот кон успехот кој го постигна на изборите во 1998 година на кои себе си се презентираше пред гласачкото тело како вистинска алтернатива на тогаш залутаниот СДСМ за исполнување на европската реформска агенда.

За жал, нејзиното националистичко наследство повторно ја втурна во деструктивни води во 2001 година за време на вооружениот конфликт по што ВМРО-ДПНЕ ја изгуби власта иаако нејзината првична проевропска демохристијанска агенда во 1999 и 2000 , првите две години од владеењето донесе многу добри и видливи резултати на планот на демократскиот и економскиот развој на државата како и на нејзиното афирмирање како современа демократија на меѓународен план. Никола Груевски подоцна со неговиот настап како проевропски и прореформски ориентиран политички лидер се ослободи од националистичките тенденции и ја врати партијата на својата демохристијанска патека. Груевски со радикална промена на имиџот на партијата обоена во портокалово ја  усидри ВМРО ДПМНЕ во Европската народна партија и го врати нејзиниот проевропски и прореформски  курс и го отвори патот кон нова победа на парламентарните избори во 2006 година. И повторно со доследност на овој курс ВМРО-ДПМНЕ забележа значителни резултати во првите две години од своето владеење по што за жал се случи “груевзимот” и застранувањето на партијата во ирационалните антички простори кој Македонија ја доведе до опасниот стадуим на “заробена држава”.

Рецептот за успех на ВМРО-ДПМНЕ стои во нивната понова историја а неговата реализација е значајна не само за успехот на тој полатички субјект туку многу пошироко за успехот на целото општество во обидите после 30 години долга транзиција да се влезе во процесот на трансформација кон етаблирањето на европските стандарди. Во спротивно ВМРО-ДПМНЕ ќе го загуби својот суфикс (Демократска партија за национално единство) по што ќе се заглави во проблематичното и контроверзно минато на ВМРО полно со внатрешни конфликти кои беа и главна причина за неуспехот на националното движење во 19 век кога сите други околу нас создадоа свои држави а ние, односно нашите предци, ја пропуштија таа шанса.

Добро е да се гордееме на дел од нивното наследство но исто толку е добро па дури и неопходно да научиме од нивните грешки за да не ни се повторува историјата.