Жената која почина при породување во кумановската болница била здрава, со уредно контролирана бременост и редовни прегледи во кои немало отстапувања од нормалните параметри – ова го констатирале инспектори од ДСЗИ при вчерашниот вонреден надзор кај матичниот гинеколог каде ја прегледале целата медицинска документација на починатата 31-годишна родилка, објави „Сител”. Пропусти не констатирале ниту во кумановската болница, во која жената ненадејно почина за време на породувањето. Таа била примена на акушерското одделение на 26 септември, кога и направиле ехо и ЦТГ.
„Ден по приемот, на 27 септември е поставена индикација за породување и околу 15 часот е отпочнато со аплицирање на терапија за отпочнување на породувањето, а истата терапија е повторно дадена во 19:30 часот кога дошло до нагло влошување на состојбата на родилката, по што е спроведена во операциона сала и направен царски рез од дежурен лекар специјалист акушер, специјализант и специјалист-анестезиоло.
Во 20:30 часот е изваден плодот, а во 20:40 е прогласена смрт од страна на анестезиологот“, вели д-р Кирил Лазов, директор на ДСЗИ, во изјава за „Сител“. По барање на Министерството за здравство, формирана е стручна комисија од гинеколози, анестезиолог, неонатолог и претставник од министерството, која ќе испитува дали има пропусти во третманот и начинот на лекување на родилката.
Во судска медицина се уште ги прават неопходните анализи и целокупниот обдукциски наод ќе го достават до Обвинителстото. Овој извештај треба да покаже од што починала родилката, а доколку има потреба ќе има и дополнителни вештачења за евентуална поврзаност на лекувањето со смртта. Новороденчето е во тешка здравствена состојба и е приклучено на респиратор на одделот за интезивна нега на Детската клиника.