Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека не е запознаен со деталите од планот на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, за брзо завршување на војната во Украина. Зеленски, говорејќи на прес-конференција на самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта, исто така рече дека не разговарал за тоа со Трамп, пренесе Ројтерс.
Тој рече дека верува оти Трамп сака брзо да стави крај на војната меѓу Русија и Украина, но тоа не мора да значи дека ќе се случи. Трамп во своето обраќање на јавноста по изборите во Америка, прогласувајќи победа на претседателските избори, рече дека ќе работи на запирање на сите војни и потсети дека за време на неговиот мандат не била започната војна. „Ќе ги прекинам војните. Републиканците се партијата на здравиот разум. За време на нашиот последен мандат немавме војни, четири години немавме војни“ додаде тој.