На 3-ти декември ќе се одржи изборен конгрес на здружението на новинари на Македонија и има тројца кандидати во трка за лидерското столче, на актуелниот претседател на ЗНМ, Младен Чадиковски, уредник во ТВ 24 ќе му се спротистават новинарите од Сител и МТВ, Марјан Николовски и Фиљана Кока. Подолу објавуваме два текста за Николовски и Кока кои ги најдовме на интернет:
Новинарот и уредник на ТВ Сител, Марјан Николовски е добитник на државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“, за остварувања во новинарство за 2021 година. Наградата му се доделува за особен придонес кон афирмација на регионален, културен и општетствен дијалогот, религиска, национална и етничка толеранција, како и промоција на позитивни вредности и евратлански перспективи.
Марјан Николовски е новинар кој се истакнува со новинарски стории кои имаат еден поинаков пристап на промоција на дијалогот и афирмција на позитивни вредности при известувањето во поглед на меѓуверската толеранција и почит, но и во поглед на добрососедските односи, регионалниот и општествен дијалог. Николовски е долгогодишен новинар и уредник во најгледаната македонска телевизија. Важи за одличен познавач на политичките состојби особено на односите меѓу Македонија и Бугарија и еден од најдобрите познавачи на верските прашања меѓу македонските новинари. Државната награда за новинарство ја доби и новинарката Аделина Марки, а за публицикстка ја добија Тошо Филиповски и Томислав Кежаровски Наградата ќе им биде врачена на добитниците на 21 декември vo Собранието.
За новинарската професија во услови на криза зборуваше Фиљана Кока, новинар во Македонската радио телевизија.Таа истакна четири нивоа на влијание на кризата врз професијата:
- Техничко (отежнато функционирање на терен
- Есенцијално (врз новинарските содржини)
- Психофизичка кондиција на новинарите
- Економската состојба.
Како што истакна Кока, пандемијата ги принудила медиумите да се свртат на новите технологии и начини на известување. Оваа ситуација, според неа, колку што била позитивна, толку била и негативна, бидејќи довела до тоа новинарите да имаат ограничување во пристапот до одредени информации. Што се однесува до изворите на информации или соговорниците, рече Кока, тие од институциите не биле достапни како порано, но затоа пак останатите, експерти, аналитичари, станале подостапни со помош на овие технологии. Фиљана Кока го нагласи и недостигот на истражувачко новинарство. Некои од медиумите пренесувале информации онака како што биле пласирани, некои се обидувале да дојдат до одговорите кога ќе се појави некоја вест, проверувајчи и барајќи најмалку уште една страна од приказната, што според Кока, бил единствениот нормален начин за борба против дезинформациите. Како посебен предизвик во однос на пандемијата, Кока го нагласи одржувањето на предвремените парламентарни избори во државата.
Во техничка смисла, според Кока, голема енергија се трошела во самите медиуми околу начинот на организирање на работата во самите студија, редакции и на терен. „Освен што самите требаше да се заштитиме од заразата, треба и преку личен пример да ѝ се покаже на јавноста дека носењето маска е, засега, најдобрата заштита. Но, најтешко ми беше кога тоа требаше да им го кажам на колегите. Голем дел од нив веќе потпаднаа под влијание на лажните вести за 5г мрежата, за чипирањата, за тоа дека ова е исто како и друг вид на грип, со нив беше уште потешко. Да допрете до колегата кој веќе се убедил во лагите, а истиот тој треба да ја едуцира јавноста, да ја пренесе вистината“, рече Кока. Поради потребата од заштита од евентуално инфициран колега, објасни таа, редакциите биле поделени во две групи. „Се изгуби толку битното чувство за тимска работа, што е основа на новинарството. Видеата пристигнуваа на мејл, се вклучувавме од канцеларија. И тука недостигаше интеракција со соговорникот, министрите, функционерите стааа покомотни во изјавите и на прес-конференциите, бидејќи отсуствуваше живата интеракција, која е многу поефикасна за да се открие вистината“. Иако постоела можност да се поставуваат прашања, сепак, како што нагласи Кока, постоеја суптилни ограничувања поради траењето на конференциите и техничките можности на новинарите за посетеност на онлајн конференциите или дадените изјави. „Сето ова го претвори новинарството од динамична во трома професија, што им одеше во прилог на оние кои сакаат да останат далеку од будното око на јавноста“, нагласува Кока.
Од друга страна, според објаснувањата на новинарката на МТВ, пандемијата направила секоја битна тема да е небитна и неатрактивна во споредба со темата за коронавирусот. „Едноставно, тоа стана светска тема за најбитното – човековото здравје и живот. Сè беше фокусирано на технички информации поврзани со вирусот и технички информации и за други области и прашања. Сè помалку имаше истражувачки стории. Беше тешко да се следи корупцијата, која во вакви кризи особено знае да процвета“, нагласи Кока. Можноста за длабинска анализа била ограничена, за сметка на тоа да не се шири паника. „Се појавија и обиди критичките стории да се препишуваат на лажни вести. Како да се отвори Пандорината кутија, на пример, да се допре темата за јавни набавки, тендери во четири очи, на пример за респираторите. Ќе почне ли ловот на вештерки доколку поставам прашање кое ќе излезе од рамките на пропишаните извештаи и соопштенија? Ќе доживеам ли јавна осуда, каде најде сега овој да праша за ова, па луѓе умираат, гледај овој што го интересира сега?!? Се случи, на некој начин, колапс на новинарството“, истакна Фиљана Кока.
Секое излегување на терен, нагласува Кока, е можност за зараза. „Паниката е можеби намалена, но стравот е зголемен. Работиме за јавно добро, во интерес на јавноста, мораме да останеме доследни во обезбедувањето точни и навремени информации. Каде ако не на терен? Се враќаме дома кај семејствата и не смееме да покажеме колку ни е страшна довчерашната рутина. Огромно е влијанието врз нашето здравје, а тоа се одразува и на посветеноста на професијата. Освен тоа, секојдневно се стравуваше и се стравува за работните места, за егзистенцијата“, вели таа. На многу новинари им беа загрозени работните места, а власта им даде поддршка на медиумите, но имаше и такви кои останаа без своите работни места. „Новинарството и овојпат се покажа како многу стресна професија и професија од која сите очекуваат да се реализира на најдобриот начин. А, истовремено, не ѝ се пружа потребната поддршка од јавноста и институциите“, заклучи Кока.