82-годишна жена од Скопје вчера била измамена за сума од 700.000 денари, кои му ги дала на непознат човек за нејзината ќерка да не оди во затвор, соопшти МВР. Измамникот кој ѝ се јавил на жената ѝ кажал дека е вработен во амбасада и дека нејзината ќерка прегазила дете-мигрант.
„На 19.03.2025 година во 23:00 часот во СВР Скопје, 82-годишна жена од Скопје, пријавила дека била измамена од едно лице за сума од околу 700.000 денари. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски, се претставило како службеник од странска амбасада и ѝ кажало дека нејзината ќерка во САД предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила дете мигрант и доколку не сака таа да лежи во затвор требало да плати. Пријавителката подигнала пари од банка и ги оставила на договореното место, а откако се слушнала со нејзината ќерка сфатила дека била измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.