Инаку, Здружението на новинари на Македонија и новинарскиот синдикат на почетокот од ноември годинава реагираа дека поминале 17 месеци откако Владата, односно Министерството за правда ги испратиле овие измени на Кривичниот законик во Собранието за нивно усвојување. Тие побараа итно усвојување на амандманите на Кривичниот законик со кој ќе се овозможи поголема заштита на новинарите и медиумските работници, со тоа што нападите врз нив би се третирале по службена должност од обвинителството и институциите. Доколку се усвојат измените на Кривичниот законик, тогаш убиството, присилбата, загрозувањето на сигурноста и спречувањето службено лице во вршење службено дејствие се новите дела кои ќе бидат воведени со измените на Кривичниот законик, во делот за заштита на новинарите во вршењето на нивните работни задачи.

 

Освен за новинарите, членот 6 став 8 се однесува и на лишување од живот на судија, јавен обвинител при вршењето на неговата функција, односно дејност, адвокат, лекар или друг здравствен работник, или друго лице што врши работи од јавен интерес при вршењето на професионалните задачи или во врска со вршењето на професионалните задачи кои ги презема во рамките на своите овластувања или службено или воено лице при вршењето на работите на јавната или државната безбедност или на должноста чување на јавниот ред, фаќање на сторител на кривично дело или чување на лице лишено од слобода.