Нема збор за утеха кој може да ја стиши болката од трагедијата која ѝ се случи на Македонија. Јавните личности продолжуваат да се простуваат од своите колеги, пријатели и соработници кои трагично го загубија животот во Кочани, како и од десетиците млади луѓе кои го загубија животот во стравотниот пожар. Меѓу починатите се и 8 члена од бендот „ДНК“ и нивни соработници – музичарите Андреј Ѓорѓиески, Сара Пројковска, Ѓорѓи Ѓорѓиев, Филип Стевановски и Александар Коларов, Игор Велков, Мартин Атанасовски – Буцо, како и официјалниот фотограф на групата, Александар Ефремов. Со емотивна објава на својот инстаграм профил од својата колешка и пријателка Сара Пројковска се прости и Игор Џамбазов:
– Имаше очи што зборуваат. На земја те соборуваат. А под нив една насмевка вредна вечност. Сарке мила, ќе те паметам дур дишам …
За потсетување, вчера во раните утрински часови, огнена стихија избувна во преполниот клуб „Пулс“ во Кочани. Според сведоците, пожарот брзо се проширил, по што присутните кои биле во огромен број, неколку пати повеќе од дозволениот капацитет на објектот, не успеале да излезат навремено.