Член на Судскиот совет поднел иницијатива за разрешување на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, откако таа во интервју побара одговорност од судии, предупреди на притисоци од функционери и на опасност и закани од разрешување на врховни судии, објавува порталот Сакам да кажам.Иницијативата, според нивните извори, ја поднел членот на Судскиот совет, Миљазим Мустафа кој е избран во Собранието со гласови на СДСМ и ДУИ.
Засега нема официјална потврда од ниту една институција дека има ваква иницијатива.
„Фокус“ го праша членот на Судскиот совет, Мустафа дали е точно дека поднел ваква иницијатива и зошто, но тој не упати кај службата за односи со јавноста. Оттаму кажаа дека нема да има соопштение по однос на ова прашање, а за порталот СДК образложиле дека не може да потврдат затоа што постапката е тајна.Од Врховниот суд велат дека и да има таква иницијатива, треба време за официјално да стигне до претседателката.
Таа во последното интервју за јавноста кажа дека имала политички притисок за оживување на помилувањата од претходниот претседател Ѓорге Иванов.
-Политиката секогаш има потенцијал да користи влијанија на различни начини. Реално, секогаш е присутна заканата дека може да се разрешуваат судиите на Врховниот суд и во овој правец да се користат дури и лажни вести. И затоа Судскиот совет треба да биде заштитник на судството, рече Адеми.
Судскиот совет ја покани Адеми да дојде да го каже тоа пред Судскиот совет, но таа одби со образложение дека и претходно имало притисоци, а Советот не реагирал. Советот пак и забележа што не доаѓа на седници и не го кажува своето мислење.
Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, синоќа во интервју за 360 степени не деманитираше дека има ваква иницијатива за Адеми.
-Вакви постапки, според законот, се од ограничен карактер за јавноста и не можам да одговорам на ова прашање – дали има или нема вакви постапки. Но, ќе потенцирам, должност е штом си во таква позиција, по службена должност, да се доаѓа и придонесува. Улогата на таквите позиции е да бидеш активен и да придонесуваш за активностите во работењето и решавањето на проблемите во судството. Како и да е, ќе се навратам на овој дел, дека јас во однос на состојбата, тоа што колешката го истакна дека имала проблеми за некакви влијанија или закани, должност ни е како Совет, во согласност со законот при што основна надлежност ни е да ја гарантираме независноста и заштита од какви било влијанија врз судиите, вклучувајќи ја и претседателката на Врховниот суд. Од овие причини, таа беше поканета да дојде и да си го каже своето како проблем и знаеме дека иако имаше покана, колешката не дојде, не се појави за да го каже тоа што го зборуваше во медиумите, рече Георгиев.