Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој вели дека не се сеќава некој друг досега јавно да каже дека му бил понуден поткуп и дека тој бил одбиен, како што тоа го сториле тој и премиерот Христијан Мицкоски за пругата кон Бугарија. Воедно, Николоски говори за најавите дека наесен ќе следуваат кривично-правни постапки, при што категорично ја отфрла можноста за амнестија.
Разговараше: Влатко Стојановски
ФОКУС: Кога опозицијата испорача одредени обвинувања на ваша сметка, вие одговоривте дека се нервозни бидејќи имаат информации за тоа што треба да следува наесен, алудирајќи дека ќе има постапки од кривично-правен карактер. Што поточно треба да се случи наесен?
НИКОЛОСКИ: За обвинителството доволно е само да ги земе прес-конференциите на ВМРО-ДПМНЕ како опозиција и истражувачките текстови во јавност и да имаат работа во следните 10 години. Јавноста очекува одговор на овие прашања и нормално е дека очекува оние што направиле криминал да одговараат.
Дали се работи за РЕК Битола, дали се работи за Лотарија и делот на игри на среќа, дали се работи за делот на ЈП за државни патишта, за Железници, дали се работи за концесии итн, има бројни прашања што сме ги отворале во минатото што мислам дека лесно ќе ги процесуира обвинителството.
ФОКУС: Минатото искуство ни покажа дека многу политички структури во својство на опозицијата најавувале безмилосно расчистување со криминалот и корупцијата, но кога доаѓале на власт, ништо не се склучило. Дури, се правеа и компромиси со правдата, амнестии и сл. Може ли повторно да се повтори истата ситуација?
НИКОЛОСКИ: Нема да има такви работи. Ние затоа и бараме да се укинат судскиот и обвинителскиот совет, зашто се компромитирани. Оставивме во тек на септември да се понудат подобри решенија ако ги има. Не сум сигурен дека ќе ги има, но дај Боже да ги има и потоа влегуваме во акција.
ФОКУС: Сигурно ќе бидете обвинувани за реваншизам кога ќе се отворат постапките за вашите претходници. Како ќе ја убедите јавноста во кредибилноста на овие процеси?
НИКОЛОСКИ: Можат за сѐ да нѐ обвинуваат, но веќе и врапчињата знаат дека во РЕК Битола имаше криминал. Една компанија сите тендери ги добиваше. Знаат дека во Лотарија Артан Груби и Перпарим Бајрами правеа тоа што правеа. За факти зборуваме…
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.