Веројатно, македонски инфлуенсери на годината се основачите на пирамидалната шема Конти, во која над 14.000 граѓани изгубија десетина милиони евра. Системот функционира на тој начин што секој нов член го исплаќа претходниот, а пирамидата расте додека има нови членови. Единствено профитираат членовите од врвот на пирамидата, сите други неповратно ги губат вложените средства...Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Ново, контроверзно и лажливо време! Старлети и учесници во ријалити програми стануваат влијателни ликови, а креативци и интелектуалци се третираат како маргиналци во однос на одредени општествени трендови и промени! Сѐ повеќе, претежно млади, трчаат за инстант слава и „леб без мотика“. Особено инфлуенсери, нова „професија без портфељ“, со која преку социјалните мрежи се заработуваат брзи и лесни пари со рекламирање одредени производи и услуги.
Во македонскиот јазик не постои прецизна дефиниција, па се користи маркетиншката, според која инфлуенсер е некој што влијае да се купи нешто. Поедноставено, лице со некакво влијание. Непознавањето на вистинското значење на овој термин резултираше секој да може да се (само)прогласи за инфлуенсер. Нема потреба од образование и диплома, нивната дејност не фигурира во Националната класификација на занимањата, што значи законски не е регулирана. Доволни се само шлиф, сенс и мобилност да се погоди и сподели моментот. Следува билдање на профилот со следбеници, а потоа маркетинг со реклама на одредени брендови и услуги.
БРЗИ ПАРИ
Социјалните мрежи се развија како сериозен и вносен бизнис, каде што инфлуенсерите ги развиваат своите деловни царства и стануваат мошне популарни личности. Експертите предвидуваат дека феноменот ќе продолжи, бидејќи луѓето повеќе веруваат и чувствуваат блискост на други, отколку на блиските и власта. Различни се начините како се станува влијателна личност. По правило, тоа се индивидуи кои веќе станале селебрити, занимавајќи се со естрадна дејност, актерство, спорт, политика или некоја друга популарна професија. Но, има и такви што тргнале од анонимност, па сосема легитимно, глупаво или не, се здобиле со армија следбеници и од тоа лагодно живеат.
Веројатно, македонски инфлуенсери на годината се основачите на пирамидалната шема Конти, во која над 14.000 граѓани изгубија десетина милиони евра. Системот функционира на тој начин што секој нов член го исплаќа претходниот, а пирамидата расте додека има нови членови. Единствено профитираат членовите од врвот на пирамидата, а сите други неповратно ги губат вложените средства. Но, народот сака забава и доаѓање до брзи и лесни пари, макар и со ризик да се западне во должничко ропство. Познати инфлуенсери со голем број следбеници на социјалните мрежи рекламираат казина, обложувалници и брзи кредити. Како придонес во спречување на порокот, Министерството за спорт покрена иницијатива, познати идоли спортисти да се откажат од рекламирање на игрите на среќа. Одлуката беше еднодушно прифатена од граѓаните, но, од друга страна, засегнатите ја дочекаа на нож.
НОВО ВРЕМЕ
Во Македонија постои разногласие за „занимањето“ инфлуенсер. Имa предрасуди за тоа што и како работат и „држење лекции“, посебно на најновата „алфа“ генерација, која заедно со претходната „З“ (Зет), станаа дигитални махери, но и лесна цел за манипулации.
Неверојатна е нивната фасцинација од „влијателните“ на Тик-ток, Јутјуб, Инстаграм, Роблекс. Тие се способни да работат на повеќе работи одеднаш или, во нивниот жаргон, на „мултитаскање“ и истовремено да живеат во различни реалности, од локална и глобална до дигитална и виртуелна, а притоа ја преферираат инклузивноста, автентичноста и прагматичноста.
Меѓутоа, неопходно е да научат да ги читаат пораките меѓу редови и да ги препознаваат измамите, дезинформациите и илузиите обвиткани во прекрасен целофан, изговорени од омилениот лик. Да размислуваат и за „тешки работи“, како што се одговорност и квалитет, а не само бркање следбеници и самоубедување дека ги совладале тајните на успехот и го фатиле Господ за брада.
Без оглед на различната перцепција, инфлуенсерите мора да се прифатат како реалност. Нив секогаш ги имало, само не ги нарекувале така и биле малубројни. Кој не сака да ги прифати е завидливец и не ги разбира новите „трендови“.
Затоа, целосно се залудни критиките и игнорирањата од повозрасните генерации за ваквиот начин на собирање следбеници или делење теми со различни содржини.
Нивните забелешки против инфлуенсерството би било исто како протест против интернет, паметни телефони или вештачката интелигенција.
Едноставно, мора да се има предвид дека ова е поинакво време. Можеби некое друго било поубаво, но ова е единственото што го има!