Во владината програма има неконзистентни делови и ставови. Што се однесува до економијата која е најзначајна за едно општество, најавите се општи, без конкретни бројки за зголемување на просечната и минималната плата, рече претседателот на СДСМ и пратеник во македонското Собрание, Димитар Ковачевски во денешното обраќање.
-Тука пред се мислам на Коридорот 8 и Коридорот 10Д коишто исто така од ВМРО-ДПМНЕ беа квалификувани како криминални проекти, изведувачите беа квалификувани како криминални организации. Дури како што ја читам програмата провејува дека ќе им бидат доверени и други проекти, додаде Ковачевски. Во однос на персоналниот состав на Владата Ковачевски посочи дека од сегашното владино мнозинство беа искажувани негативни лични квалификации за луѓе кои сега се предложени за министри, како што е примерот со Таравари.
-Укажав на тројца пратеници дека давање лични квалификации не е добро. Со оглед на тоа дека господинот Таравари беше најнапаѓан за политичка корупција. Им укажав дека неговата политичка траекторија имплицира дека еден ден ќе треба да гласаат за него. Сега доаѓа тој ден кога ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да гласа за Таравари за министер за здравство, рече Ковачевски.