На почетокот на средбата Путин рече дека е многу важно да се разговара за ситуацијата на Блискиот Исток, особено на палестинските територии, пренесе руската телевизија. Раиси преку преведувач одговори: „Она што се случува во Палестина и во Појасот Газа, се разбира, е геноцид и злосторство против човештвото“.
Во војната против Израел, Иран ја поддржува палестинската милитантна група Хамас, која владее со Газа. Русија има односи со сите клучни играчи на Блискиот Исток, вклучувајќи ги Хамас и Израел, кој е лут што делегација на Хамас ја посети Москва во октомври.
Аналитичарите веруваат дека војната во Појасот Газа и помогна на Русија со тоа што го оттргна вниманието на светот од војната во Украина и дозволи Москва да застане во солидарност со Палестинците со земјите во развој. Израел ги отфрла обвинувањата за геноцид и останува на ставот дека е насочен кон Хамас, а не кон цивили.
Како и Северна Кореја, чиј лидер Ким Џонг-ун одржа самит со Путин на рускиот далечен исток во септември, Иран е заколнат непријател на САД и може да и помогне на Русија со испраќање оружје во војната во Украина, каде Русија користи многу ирански беспилотни летала.Кремљ минатиот месец соопшти дека Русија и Иран развиваат односи, „вклучително и на полето на воено-техничката соработка“, но не го коментираше предлогот на Белата куќа дека Иран може да и обезбеди на Русија балистички ракети.