На часовите по Историја се учат факти за случувања и личности, но предметот побудува и патриотизам и лојалност кон сопствената држава и затоа треба да му се посвети посебно и повеќе внимание низ образовниот систем, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
– За жал, затекнавме и предмети по кои нема учебници, иако претходната Влада ја информираше јавноста дека се обезбедени. Ги посочив странските јазици, но и предметите за јазикот и културата на заедниците за кои во најголем дел поради лошиот квалитет на предложените учебници, истите не се одобрени. Но, направивме напори и за нив да обезбедиме материјали во дигитална форма кои учениците ќе можат да ги користат – рече Јаневска.Таа додаде дека се работи на враќање на Историја како посебен предмет во македонското образование, затоа што, според мислењето на домашната и светската експертска јавност, историјата е национален предмет со исклучително значење.
Во однос на предучилишното образование, кое треба да премине под надлежност на Министерството за образование и наука, Јаневска посочи дека Владата „прави сериозни напори за да обезбеди услови за што повеќе деца да влезат во градинките и да стекнуваат знаења кои се добра подготовка пред вклучување во училишното образование“. – Потребно е време и средства за состојбите значително да се подобрат. Гледате дека се градат нови капацитети. Општините добиваат големи парични средства и очекувам дека со дел од истите ќе предвидат и изградба на нови градинки – додаде министерката.