Црногорските и албанските власти тврдат дека причината за регионалниот дефект на електроенергетскиот систем е последица на големото оптоварување и зголемувањето на дневната потрошувачка поради високите температури. Европската асоцијација на оператори покренува меѓународна истрага дали е тоа навистина одговорот за хаваријата поради која цел регион остана без напојување..
Без струја вчера неколку часа останаа Босна и Херцеговина, голем дел од Хрватска и Албанија и Црна Гора. Телекомуникацијата исто така беше лоша, а се влошуваше како што минуваше времето без струја, што предизвика паника кај луѓето. Црногорските и албанските власти посочуваат дека високите температури доведоа до поголема потрошувачка на електрична енергија, а потоа до преоптоварување на мрежата и дека не се во прашање дефекти.
Хрватска и Босна и Херцеговина соопштија дека не забележале дефекти во нивниот електроенергетски систем. Затоа, телото на Европската комисија, Европската асоцијација на оператори, ќе покрене меѓународна истрага за да се утврди причината за регионалната хаварија. Хрватските власти, како што пренесуваат локалните медиуми, официјално објавија дека колапсот теоретски можел да ја зафати цела Европа, бидејќи енергетските системи се поврзани и дека е неодговорно да се прават какви било претпоставки пред официјалната истрага на европските тела, која вообичаено трае шест месеци.
Но, со оглед на бројните обвинувања кон Албанија и Црна Гора, нивните функционери ја изнесоа теоријата за прекумерна потрошувачка поради горештините. Исто така, беше истакнато дека пехот секако не е предизвикан од човечки фактор.