Александар Вучиќ и Џорџа Мелони на Самитот во Тирана, Албанија, 6 декември 2022/Фото: NPK ANSA / Filippo Attili – Chigi Palace Press Office handout,Image/ Zuma Press / Profimedia
Италијанската премиерка Џорџа Мелони утре доаѓа во Белград на средба со претседателот Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.
Според соопштението од Службата за медиуми на српскиот претседател, таа во Белград ќе одржи состанок со Вучиќ, по што ќе имаат прес-конференција.
Вучиќ, вчера во Дубаи ја најави посетата на Мелони и посочи дека тоа е важна посета за билатералните односи, за носење инвеститори, но и за политичките односи и натамошната поддршка на Италија за напредокот на Србија на патот кон ЕУ.
Тој кажа дека Мелони е личност која долго ќе биде успешна на италијанската политичка сцена.
-Таа не припаѓа на оние кратки италијански влади што ги водат некои луѓе, затоа што по тоа Италија е позната по Втората светска војна. Таа ќе биде на чело на италијанската извршна власт уште долго време, рече Вучиќ.
Тој посочи дека посетата на Мелони на Белград е важна, бидејќи тие се вториот најважен партнер на Србија во ЕУ, и трет најважен партнер на Србија во целина.
-Секогаш кога можеа, ни помагаа на нашиот европски пат. Ако можам да кажам така, тие навистина никогаш не отстапија. А Мелони е храбра, одговорна и сериозна жена и верувам дека нејзината поддршка ќе значи многу за нашите билатерални односи и внесување инвеститори, но и за нашите политички односи и за понатамошната поддршка на Италија за напредокот на Србија кон ЕУ, рече Вучиќ.