Иако е забранета продажбата на алкохолни пијалаци на малолетници, впечатокот е дека малкумина угостители го фермаат законот. Се оди дури дотаму што не им се бараат ни лични карти на децата, иако е предвидена глоба до 4.000 евра за правното лице и до 500 евра за одговорното лице во правното лице
На децата не им е место во дискотеките, иако професионалните обезбедувачи брифираат дека најмалку 30 отсто од посетителите се малолетни лица. Според изјавите на долгогодишни вработени во фирмите за обезбедување, ретко добиваат официјални повици за да се грижат за редот и мирот на настани што се од висок безбедносен ризик, какви што се, на пример, настапи на разни изведувачи и групи во затворени простории, иако тоа претпоставува собир на повеќе стотици луѓе во прилично тесен простор.
Тие за „Слободен печат“ брифираат дека газдите, односно сопствениците на таквите локали треба да ангажираат обезбедување и проверка на лицата што влегуваат во објектот, но секогаш се „замижува“ и во однос на прекубројноста, но и на возраста на посетителите. Обезбедувачите сметаат и дека дел од вината сносат и родителите, кои мора да знаат каде им се децата по 21 часот, а не пак да ги оставаат да се забавуваат оние што немаат доволен број години и до раните утрински часови. Законски легитимирањето на присутните, а особено на малолетниците е на МВР.
Според член 21 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, на оној што овозможува присуство на малолетни лица во угостителски објекти или простории за забава (кафеани, ноќни барови, дискоклубови и слични објекти) подоцна од 24.00 часот ќе му се изрече глоба: на микротрговци во износ од 50 до 1.000 евра, на мали трговци од 50 до 2.000 евра, на средни трговци од 250 до 6.000 евра и на големи трговци од 250 до 10.000 евра во денарска противвредност и – одговорно лице во трговско друштво кое врши угостителска дејност или друго правно лице во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност.
– Од око се проценува возраста на младите што присуствуваат на вакви настани, а особено на оние што нарачуваат алкохол. Консумацијата на алкохол е најзастапена за време на викендите во ноќните клубови, дискотеките и баровите, каде што често има голем број помлади од 18 години. Сепак, иако е забранета продажбата на алкохолни пијалаци на малолетници, впечатокот е дека малкумина угостители го фермаат законот. Се оди дури дотаму што не им се бараат ни лични карти на децата, иако е предвидена глоба до 4.000 евра за правното лице и до 500 евра за одговорното лице во правното лице – брифираат искусни експерти за нашиот весник!
Угостителите, пак, имаат своја страна на приказната.
– При пристигнувањето во клубот, често има големи турканици, па обезбедувањето не може да легитимира секого поединечно. Често вратарите по сопствена процена одредуваат дали можат пуштат некого или не. Девојките сепак поради физичкиот изглед, шминката или облекувањето поминуваат како постари и со тоа влегуваат во клуб каде што не треба да се појавуваат. Понатамошна контрола на нивното однесување и што пијат не е можна – велат угостители со кои разговараше „Слободен печат“.
Освен глоба, се издава и решение за привремена забрана за вршење дејност во траење од 30 дена, велат за „Слободен печат“ од Државниот пазарен инспекторат. Од оваа институција додаваат дека легитимирањето е задача на полицијата. На крајот на јануари годинава, Пазарниот инспекторат најави дека ќе спроведуваат засилени контроли на терен во согласност со Законот за угостителска дејност и Законот за заштита од пушење. Контролите се спроведуваат во координација со Министерството за внатрешни работи, и тоа низ целата територија на Македонија, со акцент на спречување на послужување алкохол на малолетни лица.
– Апелираме до угостителите да постапуваат во согласност со обврските што произлегуваат од Законот за угостителска дејност, по кој се должни да ја утврдат возраста на лицето на кое се послужува алкохол! Доколку Пазарниот инспекторат утврди нерегуларности, најригорозно ќе постапува! Државниот пазарен инспекторат заедно со другите надлежни институции и понатаму ќе продолжи да спроведува заеднички акции, кои ќе ги спречат дејствата поврзани со послужување алкохол на малолетници – посочија тогаш од ДПИ.
Без лабораториска анализа не може да се докаже дека малолетници пијат алкохол!
По извршените измени на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, служењето алкохол на пијани лица и на малолетници е укинато како прекршок и во моментот останува само кривичното гонење за точење алкохол на малолетници, но не е наведено дали во меѓувреме се поведени кривични постапки за точење алкохол на деца, стои во Информацијата за практичната примена на законските одредби за заштита на децата од алкохол и цигари на Народниот правобранител, која датира од 2008 година.
– Во врска со откривањето на овие дела, Министерството за внатрешни работи во практиката се среќава со повеќе проблеми при докажувањето. Имено, при спроведување на контролите во случаите кога постои сомнение дека се точи алкохол на малолетници во одредени угостителски објекти се спроведува сложена процедура за докажување, во која се вклучуваат стручни лица од Одделот за криминалистичка техника и инспектори по малолетничка деликвенција, кои на самото место фотографираат, утврдуваат присуство на алкохол и утврдуваат кој од вработените ги послужил малолетниците со алкохол. Успешноста на ваквите активности во голема мерка зависи од степенот на соработката на малолетните лица и нивните родители кои задолжително се вклучуваат во постапката. Контролите на пазарните инспектори се вршат заедно со полицијата, но во утврдувањето на степенот на почитување на оваа забрана постојат многу тешкотии, односно без лабораториски и други анализи не може да се утврди и да се докаже дали малолетникот е послужен со алкохол и дали алкохолот го испил во одреден угостителски објект. Оттаму и за почитувањето на овие забрани не може да се обезбедат цврсти докази, кои би биле основа за изрекување некаква мерка или за поведување соодветна постапка – стои во оваа информација.
Последниот случај кога беа откриени малолетници што пиеле алкохол во угостителски објект во Охрид, се случи на 21 февруари годинава. Управителот и одговорното лице добија кривична пријава.
Секоја употреба на пиротехника треба да се пријави пет дена пред настанот
Според член 39 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, палење ракети и приредување огномет, факелијада или слични приредби, мора да се пријави во Секторот за внатрешни работи на МВР на чие подрачје ќе се одржи приредбата најдоцна пет дена пред почетокот на приредбата. Во пријавата од ставот 1 на овој член се наведува местото, времето и целта на палењето, односно одржувањето на приредбата, бројот на факлите, односно количеството на пиротехничките средства што ќе се употреби и мерките за безбедност што ќе се преземат.
Пријавувачот е должен да ги спроведе мерките за безбедност што ги навел во пријавата, како и мерките што му ги определил Секторот за внатрешни работи на МВР. Секторот за внатрешни работи на МВР на кого му е поднесена пријавата може да го забрани палењето на ракети, односно одржување на приредбата ако тоа го бараат причините на безбедноста. Писменото решение од ставот 4 на овој член ќе се достави на пријавувачот најдоцна 48 часа пред одржувањето на приредбата
Членот 32, пак, од истиот Закон пропишува дека кој на јавно место неовластено приреди огномет, факелијада или слична приредба или не преземе мерки за безбедност, ќе му се изрече глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противвредност. За прекршокот од ставот 1 на овој член, ќе му се изрече глоба на правното лице од 50 до 1.000 евра во денарска противвредност – за микротрговци, од 50 до 2.000 за мали трговци, од 250 до 6.000 евра за средни трговци и од 250 до 10.000 евра за големи трговци и за одговорното лице во правното лице од 50 до 500 евра во денарска противвредност.