Веќе втор ден во Тетово се одржува работилница на тема како лицата со попреченост да се справат при евентуални поплави и други катастрофи, организирана во рамки на проектот „Подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошки регион“, имплементиран од страна на Програмата за развој при Обединетите Нации (УНДП) и Швајцарската Влада. Ваквите работилници ќе продолжат и во другите општини во полошко, со цел вклучување на лицата со попреченост во намалувањето на ризици од катастрофи. Во рамки на проектот е изработен прирачник кој ги дава насоките и советите за лицата со попреченост како да се заштитат во ситуации на кризи, односно на природни или пак од човек предизвикани катастрофи.
„Станува збор за прирачник во рамки на којшто посебно за секоја група односно лица со попреченост се наведени специфичностите коишто треба да се имаат предвид кога лицата ќе се најдат во една ситуација на ризик и ќе треба најпрвин да се заштитат себеси, а потоа нели да учествуваат и во заштитата на сите останати околу нив“, изјави Марија Трифуновска, специјалист за вклучување на попреченоста во УНДП.
Иницијатива е многу корисна за нашите членови, велат претставниците на здруженијата на лицата со попреченост.
„Во последните поплави што беа во Шипковица 2015 година, една од жртвите беше лице со попреченост, не можело да излезе од собата, кога надошла водата. Така што ова е навистина многу ќе ни користи и на нас и на нашите членови да знаеме како да се справиме со вакви елементарни непогоди. Знаете дека во Тетово често пати знае да се случи поплава, посебно во одредени делови во градот и верувам дека ќе добиеме некои многу интересни совети како да се справиме со ова, истакна Зоран Андонов, претседател на Здружението за церебрална парализа Тетово
Инаку Македонија има потпишано конвенција за лица со попреченост во 2009 година, а во 2011 ја има ратификувано во Собранието со што како држава ја презема обврската сите политики и практики да бидат усогласени со цел оваа категорија граѓани да не бидат изоставени.