Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денес изјави дека ЕУ го усвоила 17-тиот пакет санкции против Русија, насочени кон речиси 200 бродови од таканаречената руска „сенка флота“. „Новите мерки се однесуваат и на хибридните закани и човековите права. Дополнителни санкции против Русија се во подготовка. Колку подолго Русија води војна, толку построг ќе биде нашиот одговор“, напиша Калас на ИКС
Министрите за надворешни работи и одбрана на земјите-членки на Европската Унија се состанаа денес во Брисел, каде што разговараа за конфликтот во Украина, ситуацијата на Блискиот Исток, како и за одбранбените капацитети на Унијата. Шефовите на дипломатиите разговараа за 17-тиот пакет санкции на ЕУ против Москва поради руската војна во Украина, а фокусот на дискусијата беше таканаречената руска „сенка флота“, според официјалната веб-страница на Европскиот совет.