Мислам дека секогаш ќе има совесни пратеници да го искористат уставно загарантираното право да гласаат по сопствено убедување, иако не би било во линија со партијата, вели независниот пратеник Кастриот Реџепи, кој беше исклучен од Беса откако пред точно една година ја спаси владата на СДСМ и ДУИ. Тој во интервју за „Фокус“ вели дека ќе се обезбеди двотретинско мнозинство за уставни промени, неопходно за отворање на преговарачките поглавја со ЕУ.
„Верувам во тоа, зашто сам сум гласал против позицијата на политичката партија, иако немаше одлука на органите. Гласав различно од партијата“, рече Реџепи. ВМРО-ДПМНЕ и Левица се против уставните измени со кои Бугарите ќе бидат внесени во Уставот. Премиерот Димитар Ковачевски го нарече лидерот на Левица, Димитар Апасиев дека е политички пироман и дека го држи во заложништво ВМРО-ДПМНЕ. Инаку, Реџепи на денот кога требаше да се гласа за доверба на Владата не дојде во Собранието.