Тоа дали сме раснеле или не со бисквити и гурабии не го детерминира нашиот став и лојалност кон сопствената држава. Не влијае на тоа дали, не дај Боже, некогаш ќе посегнеме по животите на нашите сограѓани, правдајќи го тоа со борба за човекови права. Затоа што сме раснеле во кули од камен, или како во мојот случај, во недовршени дивоградби. Нема оправдување кога, понесени од толпата во една априлска вечер, ќе упатиме закани и ќе повикаме сеништа од минатото кои потсетуваат на терор, удар врз државата, разурнати домови и загуба на човечки животи.
Минатата година, не се сеќавам точно кој месец беше, пазарував во еден од големите маркети во Скопје, кога случајно сум застанал на каса позади млад брачен пар етнички Албанци, за кои претпоставив дека се од Косово. Не сум сигурен дека можеле да бидат и наши сограѓани, но со оглед на тоа што не проговорија ниту збор на македонски јазик со касиерката, а се задржаа на касата повеќе од 5 минути, да се согласиме дека биле Косовари.
Веројатно се прашувате зошто толку долго траеше процесот на наплата на нивните покупки во преполната количка, од оние големите. Количката беше полна со – кекси (бисквити) од брендот „Плазма“, производ на А.Д. „Бамби“ од Пожаревац, Србија.До некаде запознат со регионалните случувања во моментот, веднаш сфатив во што е работата. Косово беше вовело времена забрана за увоз на производи од Србија, а брачниот пар со преполната количка со „Плазма“ веројатно имале мало детенце што го раснеле со тој вид бисквити, а одвреме-навреме и со по некоја гурабија.
Можеби имале и нарачки од роднини и пријатели чиишто дечиња раснеле со српските „кекси“. Претпоставувам дека уште многу косовски дечиња раснеле со овие српски бисквити. Квалитетот не познава граници и национална омраза, особено не кога немате избор.
И јас понекогаш користам „Плазма“, за со кафе. Не сум раснел во луксуз, за родителите да можат да купат таков деликатес. Ионака кога фабриката „Бамби“ почна да ги произведува нашироко во регионот познатите бисквити во 1967 година, како бејби-бумер, роден пред граничната за оваа генерација 1964 година, веќе бев на возраст кога ми паѓаат, а не ми растат млечните заби.
Ако е за утеха, не сум бил единствен. Деновиве слушам дека и некои мои врсници од Кичевската околија, исто така, раснеле без кекси. Но, ете, и ние сме пораснале. Сме ги напуштиле родните огништа по образование, егзистенција и идеали. Кој за што!Затоа, не треба да ги обвинуваме помладите генерации кои раснеле со кекси (бисквити). Тоа не ги прави ниту послаби, ниту посилни од нас. Родителите давале сѐ од себе да ни овозможат што подобри услови за живот, во согласност со времето и сопствените можности.
Некои оделе на печалба, за да може семејството да обезбеди леб и по некоја бисквита за децата, а некои преминуваат граници за да купат бисквити за своите деца, чија продажба локалните власти ја имале забрането на сопствената територија.Тоа дали сме раснеле или не со бисквити и гурабии не го детерминира нашиот став и лојалност кон сопствената држава. Не влијае на тоа дали, не дај Боже, некогаш ќе посегнеме по животите на нашите сограѓани, правдајќи го тоа со борба за човекови права. Затоа што сме раснеле во кули од камен, или како во мојот случај, во недовршени дивоградби.
Нема оправдување кога, понесени од толпата во една априлска вечер, ќе упатиме закани и ќе повикаме сеништа од минатото кои потсетуваат на терор, удар врз државата, разурнати домови и загуба на човечки животи.Нервозата може да се смири со чаша топло млеко и бисквити, макар биле и српски. Можат да ги конзумираат и возрасните. Смиреноста и мудроста во овие моменти се неопходни, за да можат нашите дечиња, меѓу другито, да раснат и со бисквити, во топли и безбедни домови.А за возрасните, побелени бејби-бумери, е најдобро да престанат да јадат гурабии.