Невладината организација Клуб на бизнисмени од Косово оцени дека одлуката на Владата на Косово за воведување увозни квоти претставува директно мешање на слободниот пазар. Тие ја повикаа Владата на Косово да ја преиспита одлуката „која ја поткопува слободната економија, загарантирана со Уставот на Косово“.
„Ваквата одлука не само што влијае на функционирањето на слободната економија, туку носи и несакани ефекти со негативни последици. Во економскиот модел што го гарантира Уставот на Косово, ваквите мерки се во отворена спротивност со основните принципи на слободната пазарна економија“, се наведува во соопштението за ограничување на видовите и количините на стоки што може да се увезат на Косово, објави Данас.
Стопанствениците велат дека барале јавно-приватен дијалог за економски прашања, а одлуката за воведување увозни квоти е пример за отсуство на тој дијалог.
„Приватниот сектор, како главен столб на економијата кој дава најголем придонес во државниот буџет, мора да има важен глас во креирањето на економската политика, за овие политики да доведат до економски просперитет и развој, каде што слободна и еднаква конкуренција е најважна“, изјавија членовите на Клубот на бизнисмени.