Премиерот Димитар Ковачевски, денеска имаше средба амбасадорката на САД во земјава, Анџела Прајс Агелер за суштинските прашања во врска со напредокот на Северна Македонија во евроинтеграциите, при што, како што соопшти владината прес-служба, е посочено на важноста – сите политички партии во државата да го поддржат европскиот пат на државата.При тоа, стои во информацијата, изразено е очекувањето дека сите политички лидери ќе го имаат предвид актуелниот контекст на случувања и дека во таа насока и ќе се носат и претстојните политички одлуки во Собранието.
-Како Влада, ја почитуваме добронамерноста на нашиот голем и стратешки партнер САД, како и на другите пријателски држави, членки на НАТО и ЕУ коишто нè поддржуваат во следниот исчекор во евроинтеграциите, којшто има одредувачка насока кон полноправното членство на нашата држава во ЕУ. Реално е очекувањето тоа да се случи до 2030 година и подготвени сме со уште посилен интензитет да работиме на потребните реформски процеси. Граѓаните заслужуваат да живеат во држава членка на Европа, со европски квалитет на живот и европска иднина за младите, во родната земја, рече Ковачевски, на средбата, пренесува владината прес-служба.
Од Владата истакнуваат дека е реафирмирана јасната порака на САД дека Северна Македонија, по членството во НАТО, треба да стане членка и на ЕУ, за што, нашата држава има силна и конкретна поддршка од САД.
-На средбата со американската амбасадорка Агелер, како и при средбата на премиерот Ковачевски со сенаторот Крис Марфи во Скопје и на средбите со високите американски претставници Блинкен и Ескобар во САД, е потврдено искреното долгогодишно пријателство и успешното стратешко партнерство помеѓу Северна Македонија и САД, кое што се развива на принципите на доверба и разбирање, информира владината прес-служба.