Устав / Фото: МИА
Приоритет при отворањето на Уставот е исполнување на обврската од преговарачката рамка во делот на усвојување на уставните амандмани за вклучување на други делови од народи коишто живеат во Македонија, изјави премиерот Димитар Ковачевски. Сепак тој не ја исклучи можноста дека во текот на јавната расправа при отворањето на Уставот нема да има и други предлози кои оцени дека повеќе би биле за унапредување на функционирањето на институциите и дека се од процедурален карактер.
Министерот за правда Кренар Лога вчера во брифинг за новинарите најави дека освен измена на Преамбулата за влез на Бугарите, можно е во пакет да има промена на Уставот и во делот на замена на формулацијата „20 отсто“ со формулацијата „албански јазик“, надминување на институционалниот вакуум меѓу оставка на еден и избор на нов министер, надминување на неможноста веќе распуштено Собрание да заседава за битни прашања и да се повлече членување по функција на министерот за правда во Судскиот совет.
„Ја видов изјавата на министерот за правда. Приоритет во однос на Уставот е исполнување на нашата обврска од преговарачката рамка којашто преговарачка рамка ја усвоиле 27 земји членки на ЕУ, во делот на уставните амандмани за вклучување на други делови од народи коишто живеат во Република Северна Македонија. Тоа е приоритет. Ќе биде формирана комисија која ќе биде на високо стручно ниво, којашто ќе вклучува професри, експерти, практичари кои ќе работат на уставните амандмани кои ќе бидат ставени на јавна расправа и кадешто нормално, во тој процес ќе се појавати идеи во однос на некои други делови од Уставот. Министерот Лога кажа и во делот на други делови од Уставот каде што треба да се направат унапредувања повеќе од процедурален карактер за функционирањето на некои институции, но приоритет се уставните измени со цел продолжување на европскиот пат на државата“, изјави Ковачевски.
Тој повтори дека процесот на уставните измени ќе почне со формирање комисија во која се повикани и претставници на опозицијата.
„Конечно опозицијата треба да учествува барем во еден процес во државата којшто е стратешки. Политчарите треба да бидат одлучни, треба ба да носат одлуки коишто обезбедуваат подобра иднина. Верувам дека со вистински одлуки, а не со криење на опозицијата како што правеше досега, дека ние до 2030 година ќе станеме членка на ЕУ. Убеден сум дека во ВМРО-ДПМНЕ има политичари коишто имаат европска визија и храбртост да го поддржат европскиот пат на државата. Тие нема да ја повторат гепшката 11 години државата да биде заложник на не носење на важни одлуки кога 11 години чекавме за влез во НАТО, а 17 години чекаме на преговорите со ЕУ“, рече Ковачевски.