Конференцијата „Зелени иницијативи, одржливи заедници,“ која ќе се одржи денес, 4 ноември 2024 година во хотелот Холидеј Ин со почеток во 13:30 часот, има за цел да ги обедини експертите и активистите кои преку зелени политики и иновативни решенија работат за одржлив развој на локалните заедници.
Настанот е организиран од Демократската обнова на Македонија – ДОМ, во соработка со НВО „Зелена планета за сите“ и зелените од Данска, а на настанот ќе присуствуваат и панелисти од „Заједно“ од Србија, кои ќе зборуваат за тамошните искуства во оваа област. Конференцијата ќе служи како платформа за размена на успешни практики од регионот и пошироко, односно од Данска, Србија и Македонија.
Споделувањето на инспиративни искуства на овој начин претставува поттик за усвојување на добри практики кои би можеле да се пресликаат и во локалните иницијативи во Македонија посветени на заштита на животната средина и зеленото лидерство.
На конференцијата ќе се разгледуваат теми поврзани со улогата на зелените иницијативи на локално ниво и создавање зелени коалиции, кои се неопходни за долгорочни позитивни промени. Настанот има за цел да ја зголеми свеста за важноста на заедницата и поддршката на иновативни зелени решенија како основа за одржлив развој.