За да се зачува престижниот статус, двете пријателски земји треба заеднички да се фокусираат во реализирање на препораките и обврските, бидејќи подеднакво ја споделуваат и одговорноста за Охридското Езеро.
Ова го истакнала министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска за време на нејзината посета во Ријад, на вчерашната средба со Шефот на Одделот за Европа и Северна Америка во Центарот за Светско наследство на УНЕСКО, Берта де Санкристобал.
Од македонската делегација на работниот состанок учествувале и министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова и директорот на Управата за заштита и културно наследство, Зоран Павлов, а меѓу присутните беа и Бесиана Кадаре, амбасадор, постојан делегат на Република Албанија во УНЕСКО и претставници од советодавните тела на УНЕСКО ИКОМОС и ИУЦН.
Костадиновска-Стојчевска, како што се вели во соопштението на Министерството за култура, истакнала дека се дискутирало за понатамошните чекори кои ќе следат во однос на обврските кои ги имаат Република Северна Македонија и Република Албанија, по уважување на позитивната одлука на Комитетот за Светско наследство, на 45-тата сесија во Ријад, дека Охридскиот регион останува на Листата на Светско културно и природно наследство со исклучителна универзална вредност.
Шефот на Одделот за Европа и Северна Америка во Центарот за Светско наследство на УНЕСКО, Берта де Санкристобал ја потенцирала како особено значајна претстојната Реактивна мониторинг мисија на Центарот за Светско наследство на УНЕСКО и на советодавните тела, која што треба да се случи на почетокот на наредната година. Мисијата ќе биде во однос на имплементирање на посочените препораки и мерки за рехабилитација на регионот.
„Присутните соговорници на работната средба взаемно се согласија дека, после доставувањето на заедничкиот извештај на почетокот на годинава, експертските тимови и понатаму ќе продолжат интензивно и координирано да работат и да делуваат во насока на детектирање и справување со факторите кои имаат негативно влијание врз природните особености и вредности кои го красат Регионот“, пишува во соопштението на Министерството за култура.