Почитувани читатели, денес сакам со вас да ги споделам моите видувања за девијантните појави како нус производ на нашето етички нефункционално секојдневие.Живееме во свет каде што науката и технологијата го детерминираат нашиот хабитус и се протнуваат во секоја пора на системот. Интернетот и социјалните мрежи стануваат нужно секојдневие од нашето битисување.
Брзината на информациите и глобалното поврзување на светот треба да ни го поедностават социјалниот и општествен живот, да градат подобри услови во кои што секој поединец ќе биде добро информиран, а со тоа понапреден, достоинствен и благороден.За жал, не само кај нас туку и секаде низ светот, се протнаа со електронска брзина лажните вести или со информатичкиот јазик наречени ,,фејк њуз” и манипулаторските вештини за дефокусирање јавност.
За среќа, модерниот и напреден свет воведе норми за контролирање на вакви девијантни појави, бидејќи нивното присуство во етерот не само што не гради подобро општество, туку го разградува социјалниот живот на секој поединец.Лажните вести стануваат предмет за манипулација на општеството и нејзините граѓани.Деновиве во етерот се појави допис од Иницијативниот одбор на здружението на оштетени штедачи на ЕС банка, кој беше постиран на многу портали во земјава, меѓу кои и државната новинска агенција МИА.
Текстот, објавен на 12 август 2024 година, токму на денот кога пред 4 години Еуростандард банка беше однесена во стечај, е бескрајно манипулативен чин.Здружението на штедачи на ЕС банка, последниот свој текст на својот ФБ профил, го имаат објавено на 28 мај 2023 година. Јавноста мора да знае дека сите физички лица, (вкупно790) се целосно обештетени од стечајната маса на Еуростандард банка во стечај.
Согласно информациите кои допираат до мене, овие здруженија не се повеќе активни. Се прашувам себе си, ве прашувам и вас, а истовремено ги прашувам институциите на прогонот и правда, кој е тој што има потреба да објавува лажни текстови во име на оштетените штедачи на ЕУростандард банка кои се целосно исплатени? Токму институциите на прогонот мора да бидат целосно посветени во разобличувањето на сторителите, одговорни за стечајот на Еуростандард банка.
Како сопственик на Еуростандард банка, таквите лажни и тенденциозни текстови ги доживувам како ширење ниски страсти од страна на нарачателите и извршителите, на сметка на мојата сѐ уште неуспешна борба за вистина врзана со стечајот на Еуростандард банка.Да се објави текст на 12 август токму на годишнината, кога пред 4 години Еуростандард банка насила беше однесена во стечај, е врв на хипокризија на нарачателите и сторителите, а со тоа и на целото општество.
Многу е јасно кој стои зад ваквиот крајно манипулативен текст. Тоа се нарачателите и извршителите на стечајот на Еуростандард банка. Сеењето магла во етерот е само патетичен обид за дефокусирање од вистината, беден начин да се забошоти правдата. Вистината е една, Еуростандард банка беше однесена во стечај поради нечиј интерес, хир и омраза.
Новата Влада пред себе има голем предизвик. Мора да го расчисти стечајот на Еуростандард банка. Не е во прашање само стечајот на Еуростандард банка, туку е во прашање е сиот организиран криминал и корупција кои што се длабоко имплементиран во нашето секојдневие, од осамостојувањето на Македонија до денес.Будно ги следам сите деанија поврзани со стечајот на Еуростандард банка и нема да дозволам виновниците на овој грозоморен чин да останат неказнети!Јас продолжувам. Државата треба да се ангажира за стопирање лажни вести и дезинформации, затоа што ,,Држава без правда е обична разбојничка банда”- Св.Августин.