Во текот на вчерашниот ден од страна на МВР до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција доставено е известување по претходно собрани одредени податоци од страна на УЈП за кривично дело даночно затајување, за делото измама, односно даночна измама и за перење пари, рече државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски по претресите во фирми во Струмица, Скопје и Гостивар.
-Јавното обвинителство веднаш постапи, оформи предмет и до судот достави барање за издавање наредби за претрес во одредени градови и во одредени фирми и домови. Со тоа што беше успешна акцијата, се прибавија одредени материјални докази и одредени компјутерски материјали – рече Коцевски на МРТВ. Во врска со прашањето дали имаат доволно докази за да се покрене обвинение, тој појасни дека засега е многу рано и додаде оти се работи за предистражна постапка.
-Во моментов само што ме известија, сослушани се три лица пред јавниот обвинител, со тоа што за едно лице е предложено мерки за претпазливост, за одземање на патната исправа и за јавување во судот, односно друг државен орган во одреден период. И се надеваме дека судот ќе го уважи нашето барање – потенцира Коцевски.